Лидерите на Европската Унија на вчерашната средба во Сибиу – Романија се договорија за процедурата на номинација на високите функции на ЕУ во новиот состав по изборите за Европски Парламент.Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск закажа специјален самит на водачи на ЕУ на 28 мај, два дена по изборите за ЕП, на кој ќе се анализираат и изборните резултати. За следниот состав на европските функции треба да се номинираат претседател на Европската Комисија, чиј мандат завршува на крајот на октомври, претседател на Европскиот Совет во ноември, претседател на Европската Централна Банка, чиј мандат исто така истекува во октомври, и висок претставник за надворешна политика, на местото на Федерика Могерини. Туск побара од лидерите да не ја одолговлекуваат процедурата по изборите и во најкус можен рок да поднесат предлози кои ќе ги почитуваат „нормите и духот“ на повелбите на ЕУ како и географската рамнотежа на Унијата. На неформалниот самит на Унијата во Сибиу уште еднаш се покажа дека поделбите околу начинот на назначување на идните високи функции во ЕУ се длабоки. Емануел Макрон, претседателот на Франција, се изјасни дека е против процесот на „Шпиценкандидати“, односно автоматско назначување на претседател на Европската Комисија, кандидатот на партијата што ќе победи на изборите, како што беше случај пред пет години со Жан Клод Јункер кој ја предводеше листата на Европската Народна Партија.
„Не го поддржувам принципот на Шпиценкандидати, не ги поддржувам кујните на големите европски партии“, изјави Макрон. Тој смета дека треба да се направат транснационални изборни листи. Со иста проценка беше и премиерот на Луксембург, Ксавие Бетел, кој исто така смета дека Шпиценкандидатите имаат смисла само ако им се даде можност на сите граѓани на ЕУ да гласаат. На изборите за Европски Парламент, граѓаните можат да гласаат само за националните претставници на европските политички партии.
Лидерите на ЕУ на самитот во Сибиу усвоија Декларација посветена на приоритетите на Унијата во следните пет години, со која членките се обврзуваат на единство, солидарност, заштита на европските вредности и посилна улога на Европа во светот. Тие се обврзаа во наредниот период „да ја бранат единствена Европа“ и да нема место за поделби против заедничкиот интерес.