Categories

РУСИЈА Уапсен поранешен руски министер поради измама

Руска истражна агенција соопшти дека е уапсен поранешниот министер Михаил Абизов (46), под обвинение дека основал криминална група и проневерил четири милијарди рубљи (околу 62 милиони долари).

По апсењето, Абизов се изјаснил дека е невин, соопшти неговиот адвокат Александар Аснис.

Тој се сомничи дека предводел група која проневерила фондови на две компании за енергетика од Сибир и парите ги префрлувал на сметки во странски банки.

Абизов бил член на руската Влада од 2012 до 2018 година и бил задолжен да ги надгледува информатичките технологии и напорите да се зголеми транспарентноста на Владата.

Тој е близок пријател на рускиот премиер Дмитриј Медведев и иако го напуштил Кабинетот минатата година, работел како советник во Владата.

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков изјави дека претседателот однапред бил известен за сомнежите поврзани со Абизов.

Портпаролот на рускиот премиер Дмитриј Медведев, Олег Осипов изјави дека премиерот е запознаен со информациите, но оти тврдењата на агенцијата за спроведување закони се однесуваат на неговите „комерцијални активности, а не на работата во Владата“.

Print Friendly, PDF & Email