Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда на Република Северна Македонија го разгледа Извештајот од КПУ Затвор – Скопје, и изготви сопствен Записник од извршениот вондреден стручно-инструкторски надзор во КПУ Затвор, во кој се наведени согледувањата на УИС во врска со инцидентите од 21 февруари.
„Напоменуваме дека, во Извештајот на КПУ Затвор – Скопје, како и Записникот на УИС се опишани безбедносните процедури на КПУ Затвор – Скопје, кои не може да се споделат јавно поради опасност од безбедносен ризик, како и елементи кои може да бидат дел од натамошна постапка од други државни органи, поради кои Извештајот од КПУ Затвор – Скопје, односно Записникот на УИС, не може да бидат интегрално пренесени во јавноста“, велат од министерството.
Управата за извршување на санкциите обезбедила целосна документација, а разговорла и со директорот на КПУ Затвор Скопје. Разговор со 11 притворени не е направен, како што велат од УИС, затоа што лицата се наоѓаат на издржување на мерката притвор, а согласно член 180 од Законот за кривична постапка, надзор над притворениците врши претседателот на надлежниот првостепен суд.
„Согласно проценката на сите параметри кои се однесуваат на ризикот при сместувањето на лицата во притворот, заповедникот заклучил дека овие притворени лица нема да имаат никакви проблеми во просториите во кои се сместени. Претходно, притворениот М.Ј бил сместен во просторија која на шеталиштето се среќавала со просторија во која престојувало едно лице осудено во кривичниот предмет „Диво Насеље“ и во текот на претходно изречениот притвор, немало никаков никаков проблем во текот на нивните средби.
Првиот настан се случил околу 11.10 часот – инволвираните во инцидентот биле спречени и разделени и од другите притвореници и од страна на затворската полиција.
Лицето С.Р. побарало средба со својот адвокат и одбило да биде однесено на преглед во болница.
Во 14 и 12 минути, се случува вториот инцидент, но овој пат останатите притвореници не реагирале и не помогнале да прекине инцидентот, туку стоеле настрана. Инцидентот бил веднаш прекинат од страна на затворската полиција.
За овој настан има изјави од инволвираните кои имаат спротивставени тврдења за тоа кој го започнал вербалниот инцидент.
По завршувањето на настаните, Директорот на УИС до КПУ Затвор Скопје достави препораки до директорот кој во моментот е во оставка која ќе биде констатирана по завршувањето на претседателските избори, односно во моментот кога ќе може да биде назначен нов директор.
Во овие препораки, УИС бара да има соодветна одговорност за сите оние службени лица од затворот кои допуштиле вакво сценарио. Одговорност мора да има, а според нашите сознанија, во КПУ Затвор Скопје веќе се почнати постапки на поведување дисциплинска одговорност“, се вели во соопштението од министерството.
Исто така, упатени се и препораки за зголемување на безбедноста на затворот.