Дваесет и седум годишен мигрант од Бангладеш го загуби својот живот покрај магистралниот пат Удово-Демир Капија, во близина на Водисирска река, на 2 април, а од вкупно 14 мигранти, кои ги пронашла полицијата, шестимина биле тешко повредени, откако возачот на возилото со кое биле превезувани им рекол дека мораат да скокаат бидејќи на патот имало полиција.
За овој несреќен случај, активистката Мерсиха Смаиловиќ на својот Фејсбук профил напиша:
Затворените граници, непочитувањето на македонското законодавство кое дозволува слободно движење во рок од 72 часа, резултура до постојани несреќи на нашите автопатишта и пораст на криумчарењето каде криумчарот единствено за профит, го ризикува животот на бегалците и мигрантите. Овој пат, Обвинителството од Велес, професионално, совесно и хумано ја заврши својата работа за само 2 дена.
Мигрантите кои се здобиле со тешки повреди се наоѓаат во болниците во Штип, а останатите се во кампот во Гевгелија. Откако е завршена обдукцијата на починатиот, телото е вратено веднаш во село Калково, Валандово, каде е закопано на муслиманските гробишта.
А. П.