Во фокусот на вечерните дебатни емисии на ТВ21 и 1ТВ се барањата на партиите Беса и Алијанса за Албанците. На 1ТВ, Борјан Јовановски разговараше со Арјанит Хоџа од Беса и Елми Азири од Алијансата на Албанците, додека во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 настапи Билал Касами од Беса.
Хоџа за 1ТВ вели дека партијата сѐ уште нема дефинитивен договор со владата и ќе имаат интензивни преговори за да најдат решение. „Поднесовме 4 амандмани. Главно за делот на преамбулата, делот на албанскиот јазик, делот на дијаспората и за уставниот закон… Сѐ додека немаме договор што ќе се објави пред јавноста не можеме да донесеме одлука. На крајот, одлучува претседателството на партијата“ – вели Хоџа.
Елми Азири од Алијанса на Албанците изјави дека поднеле 6 амандмани за да се затворат и етничките прашања во Македонија:„Ние како партија го искористивме нашето законско право да предлагаме амандмани. Имавме 6 амандмански предлози и досега три предлози од Алијанста на Албанците се договорени.“
Биљал Касами на ТВ21 рече дека, доколку не се исполнат барањата кои ги има Беса, нема да дадат зелено светло на уставните промени.
Џ. Д.
фото: Б. Јордановска/ЦИВИЛ