Categories

ДНЕВНИК Успех за Преспанскиот договор, пораз и маргинализација за ВМРО-ДПМНЕ

Собранието ги изгласа уставните измени

Со 81 глас „за“ и ниту еден против, Собранието на Република Македонија денеска ги изгласа уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор.

Неизвесност до последен момент

Преговорите околу барањата на Беса продолжија и во текот на денешниот ден, што повторно беше причина за одложувањето на седницата за уставните измени.

Во попладневните часови, премиерот Зоран Заев и Биљал Касами од Беса успеаја да најдат заеднички јазик и да се договорат околу барањата на партијата на Касами.

„Успеавме да постигнеме договор за конечноста на уставните амандмани и уставниот законик со што се обезбедува најмалку 2/3 мнозинство во Парламентот“, се вели во заедничко соопштение на Владата на Република Македонија и новата пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и колицијата.

„Добивме максимално можно добар текст на уставните амандмани и уставниот законик за спроведување на договорот од Преспа со што уште еднаш се потврдува македонскиот идентитет, внатрешна примена на договорот од Преспа и стапувањето на сила на уставните амандмани“, додаваат тие.

Оттаму потврдуваат дека државјанството е македонско/граѓани на Република Северна Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ поразено и маргинализирано

Пратениците на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и денеска не присуствуваа во собраниската сала додека траеше гласањето за уставните измени.

Претседателот на партијата Христијан Мицкоски, за денеска свика седница на Извршниот комитет и состанок со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратијата преку портпаролот Наум Стоилковски денеска на прес-конференција ја обвини власта дека во изминатите 24 часа се врши жесток притисок со пари и ветувања над пратеници за прифаќање на уставните измени.

„Македонија е жртва на личната желба за спас на политичката кариера на Заев, а за Македонија тоа значи погазено достоинство и сменето име. Изминатите 24 часа власта врши жесток притисок за прифаќање на уставните измени. Во игра се пари, ветување за избегнување на политички прогон, се со цел гласање на уставните измени. Според непотврдени информации, поранешни функционери од нашата партија се ставени во функција да убедуваат нивни роднини и пријатели да гласаат за уставните измени“, изјави Стоилковски.

Пратеничката од групата од 8 пратеници кои ги поддржуваат Уставните измени, Елизабета Канчевска Милевска ја обвини нејзината поранешна партија ВМРО ДПМНЕ за лажен патриотизам.

Таа го образложи амандманот со кој бараат Република Северна Македонија да се употребува само за меѓународна употреба. Таа изрази жалење што ВМРО-ДПМНЕ не се на собраниската седница за да ги образложи нивните аргументи.

„ВМРО-ДПМНЕ го избра најлесниот и најсрамниот пат да не присуствува на седницата. Им порачувам дека ние не сме предавници туку тие кои личните интереси ги ставаат пред државните” рече Канчевска Милевска.

„Губење на идентитетот или…?“

ЦИВИЛ – Центар за слобода во пресрет на денешните случувања во Собранието и одлучувањето за иднината на Македонија, ја објави он-лајн својата публикација „Губење на идентитетот или…?“ во која еминентни аналитичари, експерти, професори и јавни личности зборуваат за Преспанскиот договор и што тој значи во контекст на идентитетот.

М. Ивановска

 

Print Friendly, PDF & Email