Рефератот од иницијативата за оспорување на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи , поднесен од Стопанска комора на Северна Македонија е повлечен од дневен ред за некоја од наредните седници, информираат од Уставниот суд.
На почетокот на денешната седница судијата-известител побара Рефератот да биде повлечен поради технички корекции. За појаснување, не се работи за повлекување на иницијативата која опфаќа „работа во недела” , станува збор за доработка на рефератот.
Во предметите од подносителите Здружение на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина од Кавадарци за оспорени членови од Јавниот повик за избор на спроведувачите на континуирано стручно усовршување, како и од подносителот Сашо Балабанов од Штип за оспорена Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на КОВИД 19, не се донесе одлука од причини што предлозите не го добија потребното мнозинство гласови.
Судот го отфрли барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија од подносителите Томе Главчев,Ратко Димитровски,Зоранчо Митровски преку адвокат Петро Јанура од Скопје за Обвинителниот акт од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.