Најдоцна до утре се очекува во земјава да пристигнат 16 противпожарни возила и 46 пожарникари од Словенија за да помогнат во гасењето на пожарите. Помошта од Словенија се реализира по вчерашниот телефонски разговор меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.
„Се надевам дека ќе ги скротите огновите што е можно поскоро“, и напишал министерот Тонин на министерката Шекеринска, информирајќи ја за брзата реакција на сојузничката земја, соопштија денеска од МО.
„Брза реакција на словенечкиот колега Матеј Тонин – само еден ден по нашиот телефонски разговор ме информираше дека Словенија испраќа 16 противпожарни возила и 46 пожарникари да помогнат во справувањето до пожарите. Тоа е вредноста на сојузништвото! Северна Македонија има пријатели на кои може да се потпре во неволја! Благодарам колега!“, пишува министерката Шеќеринска во објава на нејзината официјална ФБ страница.
Вчера Шеќеринска се заблагодари за помошта од Словенија, како и од соседните држави и НАТО сојузниците и рече дека Северна Македонија може да смета на своите пријатели во неволја.











