Граѓанските активисти од иницијативата „Спас за Валандово“ останаа упорни до крај во борбата за распишување на референдумот за изјаснување за отворање на рудници во општината.На вонредна седница, Советот на Општина Валандово, денеска конечно одлучи, со гласовите на 8 присутни советници, кои се изјаснија „за“ референдум.
Од иницијативата велат дека сега граѓаните ќе добијат шанса, преку директно искажување на својата волја, да одлучуваат за својата иднина.
„Благодарам за свеста на советниците кои од мај месец, дури сега, на 3 јули ја донесоа оваа одлука, а на граѓаните им порачувам масивно да излезат и да покажат дека ова е граѓанска иницијатива, а не партиска. Првпат се случи во Македонија, да се остават граѓаните сами да стигнат до одлуката за референдум, имајќи Совет и советници, но сите не го мислат истото“, изјави член на Советот.
На крај, на претседателката на Советот, која има намера да поднесе кривична пријава прогласувајќи го состанокот за невалиден, од иницијативата ѝпорачаа дека со една третина потписи, советниците можат да закажат кога сакаат вонредна седница.
Дел од членовите на Советот не беа присутни на седницата, но се очекува во рок од седум дена да биде потпишана од градоначалникот Николче Чурлиновски, кој исто така, не присуствуваше на вонредната седница.
На референдумот граѓаните ќе гласаат на две прашања: дали се за или против продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“ и дали се за или против отварање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово.