„Преземањето на Левица од страна на Апасиев започна на 3 февруари 2019 година, кога на последната легална седница на централниот комитет, на која разговаравме за претседателските избори, Апасиев предложи Левица го поддржи претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ“ изјави Џејлан Велиу, поранешна членка на претседателството и една од основачките на Левица за меѓународниот левичарски портал „Јакобин“.
Таа додава дека и неколку месеци претходно, Апасиев давал поддршка и изјави на десничарски иницијативи, без никаква консултација со партија, поради што се зголемила недовербата на членовите кон него.
„Исто како и претходните предлози и предлогот за поддршка на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ не помина на централниот комитет, бидејќи Левица не беше формирана за да трча по коалиции со буржоаските партии, туку да понуди програма која ќе ги обедини работниците“ изјави Велиу.
Таа додава дека од тој момент започнал процесот за нелегално преземање на партијата од страна на Апасиев, преку злоупотреба на партискиот печат.
„Апасиев фалсификуваше десетици документи, одлуки и записници од состаноци што никогаш не се одржаа. На тој начин, без почитување на статут или право, тој ја фалсификуваше структурата на партијата и тие лажни документи ги достави до судот“ рече Велиу.
Како што објаснува таа со ваквите документи, Апасиев фалисификувал оставки на четворица од седуммината членови на претседателството на партијата, по што дури и ги променил бравите на канцелариите на Левица во Скопје.
„Левица денес е партија без јасна идеологија или политичка програма. Не е ништо поразлична од останатите буржоаски партии. Не ги претставува интересите на работниците, туку е дел од системот. Оваа партија сега нема цел да ги доближи етнички разделените луѓе, туку да ги наруши односите меѓу работниците од различни етнички заедници. Претставувајќи се како единствена партија која се бори за националните интереси на Македонците, новото лидерство често користи национал-шовинистички изјави“ изјави Велиу.