Владата одлучи да го достави Законот за употреба на јазиците до Венецијанската комисија. Премиерот Зоран Заев истакна дека секое укажување на Венецијанската Комисија ќе биде вградено во Законот за употреба на јазиците, и на тој начин ќе се отстранат резервите кај било кој граѓанин.
„Ова е дадено право кое до сега беше забрането, да не му се плашиме. Се работи за јазици, не е крај на светот. Тоа е уставно право на нашите сограѓани, не повредува друго право и не претствува проблем. Денеска го испраќаме законот и алтернативните две одредби. Очекувам, штом Венецијанската Комисија ги даде сугестиите, ние веднаш да постапиме по нив“, додаде Заев.
Во писмото што како прилог е проследено до Претседателот на Венецијанската Комисија, Џани Букичио, се вели дека, како и досега, мислењата на Венецијанската комисија се значајна поддршка на реформите на правниот систем во Македонија, чија цел е воспоставување на највисоките европски стандарди. Инаку, вицепремиерот Бујар Османи вчера изјави дека Законот за употреба на јазиците не треба да се испрати до Венецијанската комисија, бидејќи македонски претставник таму е една Тања Каракамишева.
Д. М.