Од дневникот на набљудувачите
Набљудувач(к)ите на ЦИВИЛ на овие предвремени парламентарни избори беа мета на вербални напади и навреди од партиските активисти и набњудувачи, во најголем дел од случаите тоа беа членови на ВМРО ДПМНЕ.
Во изборната единица 1539 во ОУ „Никола Карев“, Пробиштип, на прашање на набљудувачот од Амбасадата на САД, од кои партии биле набљудувачите што го посетиле местото, претседателот на избирачкиот одбор одговори дека се од СДСМ и ВМРО, а еден од членовите додаде и ЦИВИЛ. Претседателот на ИО појасни дека ЦИВИЛ не е партија/партиска организација, пришто на тоа се надоврза набљудувач од ВМРО ДПМНЕ и искоментира: „ЦИВИЛ не е партиска организација, туку пе*****а“.
Во СОУ „Мирче Ацев“, на ИЕ 1455 во Прилеп партиски набљудувач на ВМРО ДПМНЕ го праша набљудувачот на ЦИВИЛ дали Џабир Дерала е – „Торбеш или Шиптар“.
Претседателката на изборната единица 1/1/2614 во ОУ „Братство“ во Карпош, дрско и безобразно се однесувала со набљудувачката на ЦИВИЛ. Дотичната претседателка на ИО на набљудувачката на ЦИВИЛ и забележа дека на овластувањето недостигало некаков број, бидејќи била правник и знаела повеќе од членовите на ЦИВИЛ. Отакако набљудувачката реагирала дека ќе ги повика раководителите на ЦИВИЛ, претседателката на ИО се повлече, и одеднаш се воспостави дека се било во ред.
Член на ИО, партиски активист на ВМРО ДПМНЕ не му дозволи на набњудувачот на ЦИВИЛ да набљудува во ИЕ 1417 во ОУ „Кире Гаврилоски“, во Прилеп. Овој настан го забележаа набљудувачот на МОСТ и партиските набљудувачи од СДСМ.
Во изборната единица 1000/1 во музичко училиште „Панче Пешев“, Куманово, партиски набљудувач на СДСМ на набљудувачот на ЦИВИЛ му кажа „да не се враќа повеќе таму“.
На избирачкото место ИЕ 1535 во гимназија „Наум Наумовски Борче“, во Пробиштип член на ИО од ВМРО ДПМНЕ гласно и речиси со навреди не дозволувал да влезе набљудувачката на ЦИВИЛ да набљудува. Веднаш реагираше претседателот на ИО и останатите членови на ИО, и на набљудувачката на ЦИВИЛ и било дозволено да остане да набљудува.
На денот на изборите, на 15 јули, набљудувачите на ЦИВИЛ регистрираа и пријавуваа изборни нерегуларности во аналитичкиот центар на организацијата. Сите пријави за нерегуларности се архивирани во соодветни категории според типот на нерегуларностите, односно несоодветното непостапување на членовите на администрацијата задолжена за спроведување на изборите, или други чинители.
ЦИВИЛ го осудува ваквиот однос на партиските набљудувачи и членовите на ИО кон набљудувачите на ЦИВИЛ.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ