Во Буџетот за 2025 година, Владата планира да им обезбеди пософистицирана средина и успешен образовен процес на студентите и младите, како и соодветна финансиска поддршка при отпочнување на бизниси.
– За таа цел, во Буџетот за 2025 година обезбедени се средства за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди – телефон, компјутер или таблет за сите студенти, како и средства од 10 милиони евра кои ќе бидат наменети за млади до 29 години за отпочнување бизниси, односно финансиска поддршка до 30.000 евра за бизнис за млади – се вели во соопштението.
Обезбедувањето на овој ваучер за студентите од 250 евра за купување на електронски уред ќе им овозможи на студентите да имаат пристап до технологијата што им е потребна за да успеат во денешниот дигитален свет, известуваат од Владата.
Финансиска поддршка до 30.000 евра ќе добијат и младите за отпочнување на бизнис, што би било дополнителен стимул за младите да можат своите бизнис идеи да ги преточат во бизнис планови.
Целта на Владата преку овие мерки и проекти е да се задржат младите и студентите, односно иднината да ја градат тука во сопствената држава.