Владата во насока на поголема дигитална транспарентност ги објави висините на платите на Претседтаелот на Владата, Замениците на Претседателот на Владата и на министрите во Владата.
„Како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност, на оваа страница можете да ги проверите висините на платите на Претседателот на Владата, Замениците на Претседателот на Владата и на министрите во Владата. Висината на платата на министрите е јавен податок. Во таа насока, во продолжение е висината на нето платата исплатена за месец декември 2020 година“, стои во соопштението на сајтот на Владата.
Највисока плата зема премиерот Заев, чија основна плата е 78.840 денари, а со пресметан стаж од 22 години неговата плата изнесува 87.813 денари.
По премиерот министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој зема 85.113 денари личен доход (со 18 години стаж).
На третото место е Јагода Шахпаска, министерката за труд и социјална политика, со 74.273 денари.
Радмила Шеќеринска, министерката за одбрана зема 72.989 денари, Ирена Стефоска министерка за култура добива 72.670 денари.
Вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи добиваат плата во износ од 71.385 денари, додека првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи добиваат по 70.102 денари.
Министерот за здравство, Венко Филипче добива плата во износ од 68.179 денари.