УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Порационалниот пристап (што може да се насети и во нивното партиско соопштение по средбата Мицкоски-Петков) би бил дека ВМРО-ДПМНЕ, во суштина – како и во случајот со Преспанскиот договор – би требала да биде, макар не-јавно, задоволна што СДСМ би го решила и спорот со Бугарија, бидејќи тие се свесни дека, кога и ако „предвреме“ дојдат на власт, Македонија, со нив, не би имала апсолутно НИКАКВИ шанси за пробив на таа бугарска блокада на патот на евроинтеграциите. Во таа вмровска „слепа улица“ нема ни изгледна коалиција со која би можеле ефективно да владеат.
Од друга страна, во ваквото македонско-бугарско сценарио, одлуката за тоа дали кон средината на годинава би имало предвремени избори не е ни кај СДСМ ни кај ВМРО-ДПМНЕ – туку во рацете (оние за гласање во Собранието) на ДУИ. Можеме до утре да се „пимпламе“ со анализи и на помалите албански и македонски партиски фактори во власта и опозицијата за предизвикување избори, но секоја претпоставка би покажала дека за тоа, во крајна линија, е пресудна поддршката на ДУИ. Луѓето на Али Ахмети во одлуката за тоа дали годинава е добра за предвремени избори ќе ги носи проценката каков би бил резултатот на ВМРО-ДПМНЕ на таквите избори – односно, да не победат тие со толкава разлика наспроти СДСМ, што ќе им овозможи правење нова влада БЕЗ неопходно учество на ДУИ во неа!? Анахрониот „метод“ на правење владини мнозинства според принципот „победник со победник“ одамна не функционира, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Редовната смисла на предвремените избори“
СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО: Денешниот Утрински брифинг од 7.30 до 11 часот е во тек!
„Утрински брифинг“ е местото каде секој работен ден од 7.30 до 11 часот, низ динамична програма со актуелни информации, анализи и разговори со гости, се поставува општествено-политичката агенда на денот.
Брза пошта, ВАША рубрика во Слободна зона: Останете гласни!
Неодамна, Цивилмедиа.мк воведе нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА: Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски денеска заминува во официјална посета на Софија каде што утре ќе се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија. Премиерот Ковачевски и владината делегација ќе бидат официјално пречекани од бугарскиот премиер Кирил Петков попладне во 16 часот на плоштадот „Св. Александар Невски“. Заедничката седница состанок на владите на Бугарија и Северна Македонија ќе се одржи утре во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски. Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи, по што двајцата премиери ќе одржат прес-конференција.
ДЕБАТА: Државната комисија за спречување на корупција денеска ќе одржи онлајн јавна дебата на тема „Интегритет во високото образование – Поттикнување на борбата против корупцијата“. Дебатата ќе ја води претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, а воведни обраќања ќе имаат министерот за образование Јетон Шаќири, Наумче Мојсовски директор на Агенција за млади и спорт и претседателот на Младински образовен форум Петар Барлаковски.
Прашањата за кои ќе дискутира се механизмите и моделите што се применуваат за следење и влијание врз намалувањето на корупцијата и судирот на интересите, етички кодекси и други пишани рамки кои насочуваат во одреден правец, дали се дискутира со студентите за овие теми и дали се направени активности за подигнување на свеста кај студентите и вработените, како и за тоа дали се преземаат конкретни чекори за пријавување на корупција. Дебатата е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Република Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија.
КОВИД МЕРКИ: На почетокот на неделава се очекува да биде познато дали изолацијата ќе биде скратена од десет на седум дена. Препораката ја донесе Комисијата за заразни болести, а според најавите, се очекува таа денеска да се најде на разгледување пред Главниот кризен штаб, а во вторник да биде на владина седница.
Министерот за здравство Беким Сали во петокот изјави дека во следниот период ќе се следи состојбата со новозаразените и соодветно на тоа ќе се носат препораки и одлуки. Засега, според неговата изјава, болничките капацитети не се целосно исполнети и далеку сме од потребата одредена клиника да се пренамени во ковид центар.
СЕМИНАР: Втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува денеска. Свеченото отворање на Школата ќе се одржи утрово преку платформата Зум, при што поздравно обраќање ќе има ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, по што ќе се обрати и директорката на МСМЈЛК проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Преку виртуелна настава, над 40 странски македонсисти и слависти од 17 земји, во период од 24 до 29 јануари ќе ги продлабочат своите познавања и ќе согледаат нови предизвици за своите проучувања за македонскиот јазик, литература и култура. Веднаш по отворањето, Школата ќе започне со интензивна работа – секој ден, од понеделник до сабота, за секоја група ќе се одржуваат по шест часа. Организирани се лекторски групи за сите нивоа – почетно, средно и напреднато и тоа напреднатото со две поднивоа, за јазик, и за литература.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев