„Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство. Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме. Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно“, се вели во соопштението од Владата како реакција на обраќањето на родителите на починатите деца од Кочани.
Од Влада велат дека не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија и дека се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина
Апелот на Владата е да не се злоупотребуваат овие настани и моменти, да не се суди врз база на гнев и тенденција, а владата секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции.
Претходно по разните шпекулации за како поминала средбата со премиерот Здружението на граѓани 16-ти Март 2025 излезе со опширно објаснување како дошло да средбата, како таа се одвивала и кои биле нивните барања.
„Премиерот започна да го чита барањето ( кое целосно може да го прочитате во прилог) и изјави дека ќе се задржи само на петте точки, без да ги разгледува воведните делови и правните објаснувања.
На првата точка – која се однесуваше на:
“Еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет…”, добивме одговор кој не само што нè понижи, туку длабоко нè навреди како родители и како луѓе: Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“, се вели во нивното обраќање до јавноста на Фејсбук.












