Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, денеска, се сретна со членовите на Државната изборна комисија.
Како што соопштуваат од Владата, на средбата се разговарало за прашања поврзани со подготовките на претстојните претседателски избори и предвремени локални избори во трите општини, Дебар, Охрид и Ново Село.
„Владата дава принципиелна поддршка, согласно законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на Државната изборна комисија, затоа што организирани слободни и фер избори се врвна демократска придобивка, се јакне демократијата и се отстрануваат сомнежи за какви било нерегуларности“, изјавил премиерот Зоран Заев.
„Максимално сме посветени, со зголемен интензитет на ангажирање на луѓе и логистика, согласно законските прописи, да ги оствариме приоритетите и целите за реализација на фер и демократски избори“, нагласил Оливер Деркоски, претседателот на ДИК.
На работната средба, сите учесници се согласиле дека одржувањето на избори е тест за политичката зрелост на државата и изразија подготвеност и посветеност за максимална транспарентност, почит и кредибилитет на претстојните претседателски избори и локални избори во три града во државата.
Б. Ј.