Владејачката партија СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ со различни ставови дали има економски напредок во државата. Според портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, Македонија на чело со Владата на Зоран Заев се движи кон силна економија.
„Потврда за тоа дека се движиме кон силна економија се пет клучни економски параметри: Раст на БДП од 3.7 проценти во последниот квартал од 2018 година, рекорден износ на странски инвестиции од 624,5 милиони евра во 2018 година, индустриското производство во 2018 е највисок во последните седум години (5.4 проценти), најголем раст на просечната плата од 8.1 отсто во декември 2018 година (25.784 денари) и петти параметар – платите растат, а невработеноста се намалува, на историски најниски под 20 отсто“, вели Костадинов.
Костадинов додал дека „полноправното членство во НАТО дополнително ги поттикнува инвестициите и економскиот раст, а тоа влијае и на намалување на невработеноста во земјава. Накусо, напредокот во евро-атланските интеграции носи повеќе пари кај граѓаните, поголеми инвестиции, нови и добро платени работи места, подобар животен стандард. Растот на економијата носи бројни придобивки за граѓаните, отвора шанса за сите и затоа е важно напредокот да продолжи“.
За ВМРО-ДПМНЕ сето ова е „манипулација со граѓаните“.
„За тоа колку подобро живеат граѓаните говорат бројките од 500.000 сиромашни граѓани, 70 отсто од граѓаните земаат помала плата од просечната, а повеќе 140.000 млади живеат во сиромаштија, освен децата на функционерите од СДСМ кои земаат натпросечни плати. Македонија има мизерни 2,05 отсто БДП кои се многу далеку од ветените 5 или 7 отсто кои Заев толку многу ги ветуваше. За прв пат во историјата јавниот долг надмина 5 милијарди евра“, реагираше Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.