Велика Британија ќе и каже на ЕУ дека е подготвена да остане во царинска унија и по 2021 година, објави „Телеграф“ и додава дека британските надлежни министри, кои работат на Брегзит, се договориле за нов план со кој ќе се избегне физичка граница со Ирска откако ги одбија претходните предлози на ЕУ.
Според распоредот, Велика Британија треба да ја напушти ЕУ во март следната година, но обезбеди преоден договор со кој трговските врски со ЕУ ги задржува непроменети до крајот на 2020 година.
Британската премиерка Тереза Мај изјавуваше дека Велика Британија ќе излезе од царинската унија со што земјата ќе може да склучува свои трговски договори со други земји. Сепак, министрите се поделени околу прашањето за каков вид царински систем со ЕУ кој го бара Лондон.
На вчерашната седница министрите се согласиле дека Велика Британија треба да се обиде да остане во царинската унија, ако предвидената технологија за гранична контрола не биде подготвена на време за 2021 година. Властите предупредиле дека таа може да се одолговлечи до 2023 година, пишува „Телеграф“.
Портпаролот на Меј одби да ги коментира информациите.
Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние во понеделникот рече дека од март до сега нема значителен напредок во преговорите за Брегзит. (МИА)