Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ се фали со спроведување на мерки што народот не ги чувствува ни гледа.
„Загадениот воздух зема се поголем замав, а СДСМ освен што лаже и игра игрици ништо не презема. Клиниките секој ден се повеќе се полнат со луѓе кои имаат здравствени проблеми поради енормниот загаден воздух. Време е да се стави крај на лажните ветувања и невидливите мерки на СДСМ. Народот ќе го казни СДСМ и ќе стави крај на оваа црнила која владее во Република Македонија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ одговорија дека цела деценија Скопје и Македонија беа изложени на екстремно уништување и загрозување на животната средина од криминалното и расипничко ВМРО-ДПМНЕ што резултира со енормно загадување на воздухот.
„За разлика од таквиот однос и црнилата на ВМРО-ДПМНЕ, денес сите институции на локално и централно ниво, предводени од Владата на СДСМ секојдневно преземаат мерки за справување со долгогодишниот проблем со аерозагадувањето.
Продолжува акцијата за обновување на уништеното зеленило во Скопје. По Карпош, Бит-пазар, Бутел и Аеродром, вчера беа засадени дрва во општина Ѓорче Петров со што продолжува акцијата за засадување на околу 3.500 висококвалитетни дрва низ сите скопски општини.
Во континуитет се спроведува акција за расчистување на дивите депонии. Во текот на вчерашниот ден беше расчистена дива депонија во општина Ѓорче Петров од каде беа исфрлени 88 кубни метри смет и отпад.
Само на територија на Град Скопје во изминатиот период беа расчистени над 350 диви депонии и ваквите акции продолжуваат.
Субвенциите за набавка на еколошки печки на пелети, поставувањето на енергетско ефикасни фасади и доделувањето на прочистувачи за воздух на училишта и градинки, започнатата постапка за набавка на 40-ина еко автобуси во Скопје, засилениот процес на гасификација од наредната година се само дел од мерките што се преземени или се во најава со цел да се стави крај на деценискиот проблем со загадувањето на воздухот.
Како никогаш претходно Владата предводена од СДСМ и сите надлежни институции активно работат на решение на аерозагадувањето, со цел нивото на загадување двојно да се намали во наредните две години“, стои во соопштението на СДСМ.
Д.М.