ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска во Собранието ја поднесе Предлог – резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции по однос на евроинтеграциите и блокадите кои што се наметнуваат.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во изјава за медиумите истакна дека оваа Предлог-резолуција во онаа форма во која што веќе беше споделена со сите пратеници е предложена со цел да помине со најширок можен консензус.
Тој ги повика пратениците на СДСМ, ЛДП, Левица, Алијанса, ДОМ, Демократски сојуз и сите други пратеници, уште од денеска да го стават својот потпис и да се придружат на оваа Предлог-резолуција за утврдување на македонските државни позиции за евроинтеграции се со цел да не се дозволи блокадите и „националните понижувања“ да станат предмет на преговори и „виткање на кичма“ во некој следен период.
Милошоски рече дека за да се донесе Резолуцијата потребно е просто мнозинство, но дека целта на опозициската партија е што повеќе пратеници да ја поддржат.
Очекувањата се дека пратениците на СДСМ, ДОМ, Левица, ДС и ЛДП кои се изјаснија за декларацијата да ги стават потписите на овој документ и во најскоро време да се изгласа.












