Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска изјави дека пратениците од неговата партија ќе присуствуваат на седницата на чиј дневен ред ќе биде Закон за заштита од заразни болести, предвидена за 27 октомври, но дека ќе гласаат воздржано за законскиот предлог.
„Самиот Закон за заштита од заразни болести не нуди решенија, односно мерки кои ги очекуваат граѓаните, туку тие треба да ги достави Владата. Во самиот вовед на Законот пишува дека се наметнува потреба за ревидирање на прекршочните одредби од Законот за заштита на населението од заразни болести, што е сосема поразлично од она што го кажува изминатите два дена министерот за здравство Венко Филипче“, рече Мицевски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ дури побарала седница за овој Закон да се одржи вчера или денеска, посочувајќи дека поголем број од пратениците веќе биле во собраниската зграда поради комисиската расправа за ребалансот.
Дополнително на она што досега го предлагаше ВМРО-ДПМНЕ во однос на мерките за справување со коронавирусот е формирање на државна комисија за заштита од населението.
Според него, зголемувањето на бројките на заболени и починати од Ковид-19 преттсавува „фијаско на владините здравствени политики“.
Од друга страна, СДСМ смета дека обидот на ВМРО ДПМНЕ да го блокира носењето на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, е уште една опструкција во низата откако е прогласена пандемија од Ковид 19.
„Ова несериозно однесување на Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ е на штета на здравјето на граѓаните“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ на денешната прес конференција.
„Барањето за формирање на нова Комисија е целосно неиздржано. Комисијата е составена од стручни, докажани професионалци во здравството и нема никаква потреба од формирање нова, паралелна комисија… Вирусот е тука, се шири и не чека, и токму затоа мерките мора да се донесат во најкус можен рок“, вели Кузеска.
Б. Ј.