Пред зградата на Судската палата во Софија синоќа се одржа протестна акција под мотото „#КОЈ ја блокира уставната реформа“, а граѓаните изразуваат поддршка за владеењето на правото и за фер и транспарентни избори. Настанот е организиран од граѓанската иницијатива „Правда за секого“ и беше најавен преку социјалните мрежи, пренесе МИА.
Во областа околу протестот имаше распоредено засилено полициско присуство.
– Време е институциите да си ја знаат својата улога и да работат заедно. Кога нема координација меѓу државните органи, нема ни економски напредок ни подобрување на животниот стандард, изјави еден од учесниците, Георги Куртев.
Според Соња Глушкова, исто така учесничка на протестот, „неприфатливо е обвинителството да се меша во работата на Уставниот суд“, алудирајќи на последните политички случувања во Бугарија.
По собирот пред Судската палата, демонстрантите продолжија со мирен марш низ централните улици на Софија за на крај да стигнат до зградата на Народното собрание. Поради протестот, привремено беше нарушен сообраќајот во централното градско подрачје, но настанот помина без инциденти.
Слични вчера денеска се одржаа и во Бургас, Плевен и Пловдив.
Во исто време, во бугарскиот парламент продолжија сослушувањата поврзани со легитимноста на изборите одржани на 27 октомври. По завчерашната итна седница, денеска сведочеа судските вештаци ангажирани во постапката. Истрагата беше иницирана по изјавата на претседателката на Уставниот суд, Павлина Панова, која предупреди дека „работата на судот не смее да зависи од дејствијата или неактивноста на други државни органи“.
Софиското градско обвинителство, пак, соопшти дека спроведува истрага за исчезнати гласачки ливчиња од парламентарните избори.