„Солун е со тебе Кочани“; „Нивните профити или нашите животи“; „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.03.2025“; „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“; „Осамна пролетно утро сончево, а сончевите зраци денес темни црнила“, беа дел од пораките на паноата на Македонците кои точно напладне се собраа на плоштадот „Аристотел“ во Солун за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организира собир „Солун во молк за Кочани“, одржаа 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.
Истовремено, упатија пораки преку паноата, а на едно од нив беа испишани и имињата на загинатите со пораката „Почивајте во мир“.
На друго беа испишани стихови од „Разделба“ на Блаже Конески – „Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидиме, и пак си велиме: не заборавај ме! – А може никогаш да не се видиме“, но и дел од „Црнила“ на Коле Чашуле – „Како само за нас Македонците да се создадени сите црнила на овој век“.