Во Нова Пазова и во две белградски опшптини (Палилула и Нови Београд) денеска се очекува одржување на „збор-на-граѓани“ – како дел од чекорите на вониституционална политичка мрежа што се создава во Србија во изминатите неколку денови, јави дописникот на МИА од Белград.
Под слоганот „Попаметниот не попушта, попаметниот се организира“, студентите од Факултетот за организациски науки (ФОН) во блокада, пред неколку дена најавија одржување на првите граѓански собири што се реализираа во – Младеновац, Вршац, Лозница, Смедерево, Сремска Митровица, Аранѓеловац…
Тие дополнително, објавија „Прирачник за зборско организирање“ каде објаснија – што е директна демократија; што е граѓански збор; зошто се важни; што овозможува збор-на-граѓаните; како се врши притисок врз одговорните и други прашања.
Тоа се собири за јавна дискусија меѓу граѓаните за проблемите и нивните решенија, како одговор на недоволната реакција од надлежните градски власти.
На предлог на студентите-во-блокада до граѓаните низ Србија да свикаат збор-на-граѓани и со тоа да помогнат во борбата против неправедниот и корумпиран режим, се организираа многу градови. Таков вид собир не е исто што и протест, па студентите во блокада ги издвоија и објаснија тие два поима, во прирачникот – со образложение дека збор-на-граѓани е всушност она што станаа пленумите од почетокот на блокадите на факултетот.
„Сведоци сме дека граѓаните ја загубија довербата во градската власт која е одговорна да се грижи за градот и за проблемите на неговите жители, па решија сами да ги решат на овој начин“, објаснуваат тие.
Како изгледаа дел од тие собири досега:
Во Обреновац во четвртокот се одржа таков состанок на кој се разговараше за локални прашања со цел да се влијаат граѓаните во решавање на општинските теми.
Жителите на општина Стари Град во Белград во петокот се собраа на средба пред општината во пресрет на седницата на општинското собрание каде кренаа врева и носеа пораки со натписи: „Просветни работници, не сте сами“, „Пумпај“.
Тие имаа два предлога – да се издвојат средства од буџетот за наставниците кои останаа без плата, а вториот е да се иницира дискусија за случувањата во Пионирски парк во Белград.
Жителите на Врачар се собраа на првиот граѓански пленум во таа белградска општина кога беше договорено секој од присутните да има право да го изнесе свој предлог, а потоа ќе се гласа за да се одлучи дали тој ќе биде усвоен. Присутните изгласаа, меѓудругото, следниот собир да биде официјален збор-на-граѓаните и до надлежните да се постави пршањето што точно се случи на мирниот протест во Белград на 15 март.
Граѓаните на Горњи Милановац во петокот се собраа пред градското собрание и побараа оставка од градоначалникот Дејан Ковачевиќ, по што одржаа граѓански збор.
„Оставки се бараат поради престојот во Пионирски парк, а тоа немаше да биде проблем да не беа луѓе од јавната администрација, кои беа таму во работното време. Оставка од градоначалникот се бара затоа што мнозинството граѓани сметаат дека човекот не е достоен да ја извршува функцијата Неговиот дискурс во јавноста беше доволна причина и очекуваме луѓето да гласаат за него“, рече за српски медиуми локален активист Бојан Савковиќ, пренесе МИА.