Во Турција, најмалку осум лица загинаа во пожарите коишто за една недела избија во 38 провинции. Министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, изјави дека досега се изгаснати 152 пожари, а продолжуваат напорите за гаснење на уште 11. Како што изјави тој, 5.200 луѓе се борат со огнот со 16 авиони, 9 беспилотни летала, 51 хеликоптер, еден дрон итн. Пакдемирли изјави и дека се погодени 2.219 земјоделци во пет провинции, 18 окрузи и 78 села.
Од јули 1988 година, кога биле измерени рекордни 45,2 степени,сега во Мармарис е забележана рекордна температура од 45,5 степени Целзиусови. Според турскиот министер Пакдемирли, екипите испратени во Манавгат во Анталија добро напредуваат во гасењето на пожарите.
Министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, за пожарот во Мармарис рече дека се евакуирани 16.603 жители од 3.219 домаќинства во 28 населени места.
И грчките пожарникари се борат и натаму со големиот шумски пожар во подножјето на Парнас близу Атина, но се надеваат дека огнот ќе биде ставен под контрола. „Ситуацијата е подобра и се надеваме дека пожарот ќе биде ставен под контрола во наредните часови“, изјавија од противпожарната служба.
Десетина куќи изгореа, а бројни објекти претрпеа голема штета. Повеќе од 300 луѓе беа евакуирани од Варибоби и уште од две околни села. Над 500 пожарникари, со поддршка на хеликоптери и авиони, работат на гаснење на пожарот, а густиот чад стигна до централните делови на Атина.
Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, го посети селото Варибоби, на 30 километри од Атина, каде штетата од шумските пожари е најголема.
Температурите во Атина и другите делови на Грција достигнаа 42 степени Целзиусови.
Во Русија, службите за итни случаи ќе добијат засилување од војската во борбата против шумските пожари, а дополнителна опрема за гаснење пожар ќе се достави до погодената област на Сибирската република Саха – Јакутск, соопшти Министерството за одбрана.
Според официјалните податоци, 173 пожари се активни во областа, повеќе од 2.500 припадници на итните служби се обидуваат да спречат ширење на пламенот и ситуацијата е многу тешка.












