Во скопскиот хотел „Парк Резиденс“ во тек е конференцијата „За општество ослободено од корупција“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода и Зелена лупа.
Во воведното обраќање претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, кој ја отвори конференцијата, нагласи дека ова е првата од низа активности со кои ЦИВИЛ ја започнува борбата против корупцијата како еден од горливите проблеми во општеството..
Дерала потоа го најави премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.
„Еден од приоритетите на Владата е токму транспарентното водење на политиките, како и правилно функционирање на судскиот систем, ефикасна борба против корупцијата, но и почитувањето на човековите права“, истакна премиерот Заев, откако се заблагодари за поканата за учество на оваа конференција. Според него, конференцијата третира една од најгорливите теми во општеството, за која секогаш е добредојдена дебата повеќе.
Во преполната сала се присутни претставници од дипломатските преставништва во земјата, министри, експерти, претставници на политички партии и невладини организации.
Премиерот Заев во своето обраќање пред присутните ги истакна заложбите на Владата за воспоставување на независно и непристрасно судство, со зајакнување на отчетноста на сите нивоа на судството, преку правилно фунцкионирање на судскиот систем, борбата против корупцијата и почитувањето на човековите права во законите и во пракса. Тој се осврна и на Предлог-законот за борба против корупцијата, во кој се опфатени препораките на ЕУ и извештаите на Прибе и на ГРЕКО и се зајакнуваат условите за избор и именување на членовите на ДКСК, со јавно интервју пренесувано на собранискиот ТВ канал и со прецизирани причини за нивно разрешување.
Розета Трајан од Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупција истакна дека борбата против корупцијата е патриотизам.
Таа се заблагодари на шансата во свое име и во име на ДКСК да се обрати на оваа значајна конференција и потенцираше дека созадавање на општество ослоободено од корупција, треба и мора да биде приритет. „Денешниот настан е само уште еден доказ дека мора да се има инситуционален, но и граѓански ангажман…. Секој човек мора да даде активно учество во борбата против корупцијата. Општество ослободено од корупција е општество кое е фокусирано на прогрес и развој“, истакна Трајан.
Во однос на досегашната работа на Комисијата, Трајан истакна дека „ДКСК во изминатиот период беше нем набљудувач на сите случувања во општеството. Ова пред се, се должи на нејзината неефикасност, нетранспарентност и партизираност“.
Професорката Мирјана Најчевска истакна дека корупцијата е како метастаза, наведувајќи неколку примери за тоа до каде не доведе корупцијата во македонското општество.
Најчевска истакна дека се залага за мораториум на нови закон, додека не се почне со вистинско спроведување на постоечките.
„Законите можеби ни се и добри – но не успеваме со нивната имплементација. И, кога ќе се донесе нов закон, мислиме дека работата е завршена… Не можеме да го ослободиме општестото од корупција, можеме да ја намалиме и ограничиме корупцијата, но не мислам дека граѓаните се должни да се борат проотв корупцијата. Тоа е задача на владеачката стрруктура, да се избори против корупцијата, доколку навистина го сака тоа. Моќниците ги корупмираат граѓаните, а не обратно!“, рече Најчевска.
„Често не ја препознаваме корупцијата, која како коруптивното однесување не е само давање земање мито, туку со постапки на издавање на дозволи, со овозможување на криминал, се предизвикуваат сериозни последици за целата заедница… Заради коруптивното однесување го дишеме овој воздух којшто го дишеме“, истакна Најчевска, чие излагање беше проследено со аплауз од присутните.
Ване Цветанов, од „Зелена лупа“ истакна дека корупцијата е тешка тема којашто е канцер на секое општество.
„Должност на секој од нас е да се бориме со неа. За да постои корупција, постојат мотиви. Тие најчесто се неизвесноста од иднината е причина број еден, страв од политичка репресија… Секој треба да си ја прифати одговорноста и товарот којшто го носи на својот грб“, вели Цветанов.
Цветанов истакна дека потребно е секоја институција на секое ниво да покаже промени, понатаму, самоиницијативност на органите на прогон, повисок степен на одговорност кај независните тела, зајакнување на системот во делот на мерката за конфискација.
Оваа жешка тема ќе ја отвориме веднаш без посебни воведи и оваа активност е прва од низата активности со кои ќе ја започнеме борбата како општество институции и заедници.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала во своето обраќање се осврна на човековите права и слободи и нивното кршење во спрега со една од најнегативните општествени појави – корупцијата.
„Ако погледнеме каде почнува еден коруптивен циклус, можеме да повлечеме една линија и да видиме каде почнува се, а тоа се изборите. Во изборните процеси гледаме како ќе се одвива животот на граѓанките и граѓаните до наредните избори. Тогаш се гледа целата мака на општеството. Тука е и коренот на проблемите во нашето општество“, истакна Дерала.
Тој е дециден дека постои огромен простор за интервенции во Изборниот законик, но се уште изостануваат параграфи кои се однесуваат на тоа кој, колку и на кој начин одговара за лошото спроведување на Изборниот законик и за киднапирањето на изборните процеси.
„Партизацијата не застана само на системот, туку политичките партии го окупираа и општеството и просторот за граѓанско организирање. Во таа спрега на корумпирани и партизирани институции, општеството зависи од мали кругови на моќници, и се создава политичка култура во која се негуваат и охрабруваат криминалот и корупцијата“., рече Дерала.
По паузата, во моментов трае дискусијата со обраќања на експерти, претставници на политички партии и невладини организации.
На говорницата е поранешниот министер и експерт за финансии, Џевдет Хајредини.
Хајредини како експерт за финансии и буџет, упати силна критика до сегашната власт и премиерот Зоран Заев.
Активистот Мариглен Демири се заложи за нарекување на работите со вистински имиња. Тој потенцираше дека ги споделува ставовите на професорката Најчесвака за која смета дека треба да биде кандидатка за претседателка на државата, и истакна дека корупцијата е зло на македонското општество за кое нема искрена желба да биде искоренето.
Петар Богојевски, член на ВМРО-ДПМНЕ и еден од иницијаторите за реформи во таа партија, зборуваше за партиските стереотипи за криминалот „на другите“. Со критички осврт и на делувањето на своите сопратијци на индивидуален план, Богојевски сепак, изрази оптимизам, дека по 30-тина години, Македонија е се уште држава во зародиш, и дека има надеж во борбата со корупцијата.
Новинарот Горан Лефков во своето излагање ја истакна одговорноста на ДКСК која со месеци не работи, како и на Државната комисија за достап на информациите од јавен карактер која е обезглавена од мај и во која стојат нерешени 1.000 молби и барања. „Македонија нема тело за одземање на имот од криминални дела, во Словенија е одземен имот од 320 милиони евра, а во Македонија 460.000 евра!“, потенцираше Лефков.
Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионерите истакна дека организаторите на настанот презеле преголема обврска со темата, зашто нема општество кое сосема слободно од корупција. Тој се заложи за чистка со криминалот во МВР, зашто во моментов, „нема клетка во Македонија во која нема корупција“.
Маја Ивановска
Фотографија: Биљана Јордановска