Претседателот на Србија, Александар Вучиќ е добитник на овогодинешната меѓународна награда „Златен лав за мир“, но тој не се појавил на вчерашното свечено доделување во Венеција поради ситуацијата на Косово и кризата предизвикана од царинските мерки на Приштина.
Иако, во петокот од кабинетот на Вучиќ потврдиле дека ќе присуствува на свеченото доделување, наградата во негово име ја примил амбасадорот на Србија во Италија, Горан Алексиќ. Амбасадорот прочитал поздравно писмо од српскиот претседател во кое тој порачува дека наградата им припаѓа на сите оние луѓе во Србија кои го обрзале да работи во интерес на мирот, соопштува Јутарњи.хр.
Вучиќ во писмото нагласил дека наградата е доказ дека во Србија и целиот регион постои „тивко, безимено мнозинство, кое сака мир, кое го дожувува како услов над сите останати услови, како насушна потреба и која сака по столетието на смртта да настапи нова ера, во која доблест е да се родиш, да живееш, да помогнеш, да излечиш, а не да убиеш и умреш“.
Некогашниот шеф на италијанската дипломатија Франко Фратини, кој ја водеше церемонијата во Венеција, оцени дека напорите кои Вучиќ ги вложува во нормализација на односите со Приштина, и покрај „провокациите и агресивниот став на некои од соседите“ е една од причините зошто му е доделена наградата.
Фратини, кого Вучиќ на јавноста и го претстави како свој советник уште во времето кога ја извршуваше должноста потпретседател на српската влада, рече дека одлуката за доделување на наградата на Вучиќ е донесена од три причини.
„Затоа што успеа да воспостави лични и институционални односи на Србија со најважните светски лидери на меѓународната политичка сцена, затоа што од Србија направил столб на стабилност и сигурност во целиот регион, и поради неговите способности да ја раздвижи пасивната економија на Србија и да ја претвори во економски раст“, истакна Фратини.