Во Белград денеска во 18 часот ќе се одржи собир под мотото „ Иднината на Србија“ во организација на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Собирот ќе се одржи пред самитот на лидерите на балканските држави, чии домаќини ќе бидат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. На самитот на лидерите на балканските држави се очекува централна тема да биде дијалогот меѓу Косово и Србија. Вучиќ изјави дека денеска на улиците во Белград ќе има 15 пати повеќе отколку кај опозицијата, алудирајќи на демонстрациите од 13 април во Белград. Според Вучиќ, неговиот собир треба да биде најголемиот што Белград го видел во изминатите 50 години, со прогноза за 130. 000 луѓе. Тој ја предупреди опозицијата дека секое попречување на граѓаните кои во петок сакаат да дојдат во Белград, ќе биде санкционирано, и дека се поврзани со косовските политичари во Приштина, со намера да ја загрозат стабилноста на Србија.
Повикувајќи се на дипломатски извори, косовските медиуми објавија дека Меркел и Макрон ќе предложат конечно решение кое ќе се фокусира на признавањето на косовскиот суверенитет, но и дека на Србија ќе ѝ биде признаен своевиден суверенитет над косовските Срби, посебно над православните верски објекти. Властите на Косово и на Србија се изјаснија против решение засновано на „двоен суверенитет“ во Косово, за кое што се шпекулира дека може да им биде предложено на двете страни на самитот што на крајот на месецов ќе се одржи во Берлин.
На вечерашниот собир, освен претседателот на Србија, на граѓаните че им се обратат и премиарката Ана Брнабиќ, шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, претседателот на претседателството на БиХ, Милорад Додик и министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Д.Т.