Од едни „Курири“ се ослободивме, но никнаа други „курирчиња“ како печурки по дожд. Читам на порталот АКО, дека невладината ЦИВИЛ ги подржувала и охрабрувала дивонаселените граѓани (Роми) да не се отселат од Урбан парк.
„, ЦИВИЛ смета дека децата, кои се дел од овие семејства, треба да останат да живеат во овој хорор во узурпираниот Урбан парк. Многу хумано, нема што!, пишува бесрамно порталот АКО.
Се надевам дека за оваа објава дебело се офајди безимениот автор/ка на текстот, освен ако не е од некој штаб. Би било убаво да објавиле барем една реченица од текстот „Со домовите срушена и надежта на бездомниците“, во кое се охрабруваат да останат да живеат таму. Очекувано е дека на многу луѓе не им се допадна текстот, бидејќи длабоко во себе сè уште имаат дискриминација и предрасуди кон одредена категорија на граѓани, во случајот бездомниците.
Загриженоста на ЦИВИЛ дека со уривање на дивоизградените објекти нема да се реши проблемот на бездомниците, го потврдува и насловот на објавениот штабски текст: „И со уривањето во Урбан парк, Ромите со нови шатори останаа на истата локација“.
Додека „загрижените“ граѓан(к)и вчера убаво се засолнија во нивните убави и топли домови и беа потресени што силниот дожд им го размачкал гелот или им ја растури фенираната коса, десетици бездомни лица и деца беа под отворено небо. Среќа во целата несреќа е што не падна некое дрво врз нив од силното невреме!
Македонија се декларира како социјална држава, но очигледно тоа е само на хартија. Актуелната власт, и особено ромските невладини организации беа гласни за правата на бездомниците (Ромите) во времето на владењето на Никола Груевски, а сега…?
Всушност, сега невладините станаа владини, (со чест на исклучоци) и нормално е дека никој нема да реагира за нехуманиот третман на најзагрзените граѓан(к)и.
Прашуваат зошто бездомниците одбиваат и не сакаат да одат во Чичино село? Можеби затоа што се плашат за нивните девојчиња да не завршат во некој ноќен клуб или да не мора да абортираат на 12 години!
Помеѓу бездомниците има и лица кои немаат лични документи, има дете со епилетпична болест, ниту едно дете не оди во училиште, живеат со собирање на пластични шишиња или од остатоци од храна што ќе ја најдат во контејнерите… Секако за тоа е виновен ЦИВИЛ, бидејќи ги објави во јавност нивните изјави дека нема каде да живеат и дека повторно ќе останат на улица.
Наместо сите да апелираме и да алармираме до институциите што побрзо да им најдат сместување, покрив над глава, децата да ги запишат во училиште, да им се извади лична карта на лицата кои и 40 години живеат како фантоми, болните да добиваат соодветна лекарска терапија…, некој одлучи да ги претстави Ромите како дивјаци кои одбиваа мек кревет, топол оброк и покрив над глава, бидејќи поубаво им е да живеат на земј,а во шатори… Брука!
Не знам, а и не можам да сфатам како може човек да е толку нечовек. Како може да напише дека ние ги охрабруваме бездомниците да живеат на улица, на ладно, дожд, снег, ветер… Дали тој/таа новинарка има малку совест? Жал? Човечност…?
Секако дека тие граѓани не треба да бидат таму и да го узурпираат Урбан парк. Бидејќи тој парк треба да служи за релаксација на сите граѓани, особено на жители кои живеат во близина на тој парк.
Меѓутоа, ако не им се најде соодветно сместување, тие ќе најдат друг парк и ќе им сметаат на други граѓан(к)и…
А, за ветувањата дека ќе ги сместат во контејнери во Визбегово, тоа во наредна прилика ќе напишам, се надевам дека дотогаш „истражувачките новинари“ ќе добијат повеќе информации од терен, или од штаб, сеедно, па ќе ме претркаат во објавата!