МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Кога некој висок или понизок функционер во власта ќе биде фатен како лаже, краде, на било каков начин го прекршува законот, ни велат:
- Зар за него не важи пресумпција на невиност?
- Зар немаме сите исти права?
- Зар не треба да се видат и олеснителните околности?
Многу често високите функционери осомничени за помали и поголеми прекршувања на законите не завршуваат со казни, во затвор. Делата се заташкуваат, добиваат симболични завршници, забораваат и/или застаруваат.
Како резултат на раширената неказнивост, пониските и повисоките функционери во власта ги повторуваат прекршувањата од позиција на функцијата која ја имаат, а бараат третман при барањето на нивната одговорност и во евентуалните процеси против нив како да ја немале таа функција. Бараат истоветен третман како и секој друг граѓанин. И истоветна или дури и помала казна, привилегирана позиција, разбирање и евентуално (иако не секогаш дури и тоа) политичка одговорност (најчесто поврзана со наредните избори).
Проблемот е во тоа што пониските и повисоки функционери во власта не се во иста положба како граѓаните и никако не се во иста положба кога ќе го прекршат законот.
- Сторителот на прекршувањето (повисок или понизок функционер во власта) на располагање има систем од институции, органи, средства, да прикрие докази, да се закани или да поткупи сведоци.
- Има позиција која му овозможува достап до луѓе, информации и податоци потребни за затскривање на направеното прекршување.
- Со прекршувањето на законот (колку и да е безначајно, неважно, мало) отворил простор за сомнеж дека можеби направил или ќе направи други прекршувања (поголеми и позначајни) кои нема да бидат откриени.
- Повисокиот или понискиот функционер има задача да го спроведува, да го штити и да го промовира правото. Секое прекршување на законите од негова страна значи дека не извршил ниту една од горните функции и заради тоа треба да сноси одговорност.
- Повисокиот или понизок функционер кој го прекршил законот станува модел и пример како не треба да се почитува и спроведува законот и изговор за непочитување и неспроведување на законите како од неговите колеги, подредените и надредените така и од страна на граѓаните.
- И оној најстрашен облик на прикривање, кога некој од соработниците ќе го отвори прашањето за одговорност – веднаш има такви што срипуваат и викаат – па тој не е прв, сите прават така, и, што е со сите други што исто така… Не смееме да дискриминираме!
Пониските и повисоките функционери имаат привилегии, бенефиции и заштита кои се дел од функцијата, за да можат непречено да ја извршуваат работата доверена од страна на граѓаните. Противтежа на привилегиите, бенефициите и заштитата е поголема одговорност, поголема казна, помалку олеснителни околности, и при најмало прекршување на законите.
Казната, бидејќи тоа е навистина соучесништво, мора да следи и тогаш кога се премолчува, и кога се негира, и кога се прикрива, оправдува или едноставно не се реагира при прекршување на законите.