Меѓу нас живеат херои и хероини кои изгледаат исто како нас, но, тие имаат скриени моќи кои ги кријат! Нивните моќи се лек против безнадежноста, осаменоста, тагата… Моќ која е полна со љубов, солидарност, сочувство, пожртуваност!
Кога ќе ги видиме вистинските лица на скриените херои и хероини, сфаќаме дека не е тешко да бидеме како нив, моќта која ја имаат не е екслкузивитет, туку сите ние треба да се воздигнеме од завидливоста и зајадливоста, па да им се придружиме. Една такава хероина ја запозна нашата јавност деновиве, хуманата Муше. Овој пат во улога на хероина која плете чорапчиња и капи за прерано родените бебиња. Ова е само една од многуте нејзини моќи. Муше ова го прави веќе девет години, волницата сама ја купува, а чорапите и капите сама ги плете. Но, ова не единствената моќ на Муше. Јас одамна и ги открив сите нејзини моќи. Готвењето храна во викендите на бездомните и сиромашните, плетење капи и шалови и за бездомните, бегалците, сиромашните. Сите мали и големи нешта кои во еден ден ги прави, а нејзината моќ исцелува. Како светло на надежта ни ја осветлува темнината во која се наоѓаме!
Ние напатените граѓани едвај чекавме да запознаеме една ваква хероина, и да си кажеме тивко во себе: Ох, има надеж за човештвото!
Во нашата земја постојат многу херои и хероини кои не сме ги запознале, а допрва ќе ги запознаваме. Делата кои тие ги прават во своето секојдневие, за нив се навидум мали, но, моќта која ја имаат е величенствена. Познавам херои и хероини кои во својата ташна секогаш носат храна за уличните кучиња и мачиња. Херои и хероини, кои ја жртвуваат својата безбедност и финансии, за да им помагаат на сиромашните сограѓани, а и на бегалците. Херои и хероини кои се активни секојдневно во нашето општество во разни сегменти со цел истото да биде функционално. Има и такви кои се утепуваат од работа затоа што веруваат во тоа што го прават, иако се во финансиска загуба, но, идејата од која ја добиваат моќта ги држи на таа патека.
Родителите на децата со посебни потреби кои се храбри, силни, истрајни во растењето на една генерација на посебни млади луѓе. Гласните и одважните во борбата против дискриминацијата. Хероите и хероините од нашето маало кои садат дрвја, цвеќиња и се грижат за околината…. И сето тоа го прават во своето слободно време! Ах, толку многу моќни поединци меѓу нас! Чувстувам дека голем дел пропуштив, но, знам дека постојат.
И верувајте, не е тешко да бидете дел од оваа привилегирана група! Единствено треба да верувате дека секое добро дело кое го правите, колку и да е мало или за околината небитно, е вашата моќ со која можете да го лечите нашето ранетото општество. Раната предизвикана од национализамот, омразата, завидливоста, сиромаштијата секој од нас може да ја излечи. Видете го херојот и хероината до вас и придружете ѝ/му се!
За мене ова се вистинските патриоти на Македонија! Овие херои и хероини искрено ја сакаат Македонија и знам дека заедно и здружено ќе ги излечиме раните кои тивко нѐ слабеат. Само заедно и здружено ќе имаме здраво општество.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.