Кога станува збор за одговорност на високи функционери (сегашни и поранешни) за дела кои се поврзани со вршењето на нивната функција, не важат послаби, туку построги правила.
Имунитетот поврзан со вршењето на одредена висока функција не е заштита на криминалното делување на високиот функционер, туку заштита на независноста во вршењето на функцијата. Кога станува збор за пратениците, имунитетот е многу јасно и прецизно поврзан со вршењето функција пратеник – претставување на граѓаните.
Пратеникот не смее кривично да се гони за ништо што го изјавил на собраниската говорница. Меѓутоа, може и треба и мора кривично да се гони за секој криминален чин кој ќе го направи и за тоа нема никаков имунитет.
Единствениот исклучок е притворот. Имено, тргнувајќи од ставот дека секој оној на кој не му е докажана вината е невин, пратениците можат да се повикаат на имунитетот само во однос на актот на притворање. Не на истрага, не на судење, не на изрекување казна, не на отслужување казна затвор, доколку е таква казна изречена, туку на притвор. Па и овој вид на имунитет може да биде проблематизиран и ограничен во одреден број случаи.
Мандатот на пратеникот му е даден од граѓаните. Тие го гласале и го изгласале да ги претставува во Собранието и да ги врши сите работи поврзани со законодавната власт во нивно име и во нивен интерес. Мандатот е поврзан со можноста пратеникот да одговори на поставените задачи и да ги извршува обврските кои му се дадени согласно Уставот и законите.
Заради ова, во Изборниот законик, во членот 7, во условите кои се дадени некој да може да биде кандидат за пратеник е содржан и негативен услов според кој: кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник не може да биде лице кое е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување сѐ уште не е започнато и лице кое веќе се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.
Овој услов е исклучувачки во однос на волјата на граѓаните и јасно ја ограничува можноста некој да биде избран за пратеник доколку треба да отслужува казна затвор во траење над 6 месеци или пак веќе се наоѓа на отслужување на ваква казна.
Изборниот законик воопшто не се бави со тоа за какво кривично дело се работи. Клучно е дека пратеникот не може фактички да ја извршува својата функција.
Заради ова мислам дека, кога станува збор за актуелен пратеник осуден на казна затвор над 6 месеци (како што е случајот со пратеникот Никола Груевски), всушност, воопшто не треба да се размислува за одземање на мандатот, туку да се препознае престанок на мандатот заради настапување на исклучивиот услов предвиден во Изборниот законик.
Секое двоумење во која насока треба да се толкува една ваква одредба треба да се разреши на понеповолен начин за функционерот, затоа што за високите функционери важат поостри критериуми во одредувањето на нивната одговорност, токму заради тоа што тие биле во позиција на различен начин да бенефицираат од повисокиот статус кој го имале како функционери.
фото: Киро Попов/kolektif.mk
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста