пишува МИЛАН БАНОВ
За Христијан Мицкоски, божемниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, инаку препознаен и како клон на азилантот Никола Груевски, досега знаевме дека во своите јавни настапи го ползува методот повторување до затапување, потоа низ определени јазични елипси и криви се обидува да го замаскира/затскрие своето медиокритетство, како и тоа дека силата на „аргументите“ ја гради врз постаментот на вулгарноста и омразата кон политичкиот противник. Не знаевме, меѓутоа (барем не јас), дека е навлезен и во водите на хиромантија и дека ги поседува способностите на јасновидците, на гатачите, на бајачите и на баба Ванѓа, се разбира. Оттука, веќе станува логично оваа натприродна моќ да му донесе сто постотна сигурност и да предвиди дека на следните парламентарни избори (доколку се одржат сега) ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи СДСМ со најмалку 100.000 гласа разлика.
Но, како што е познато, ние обичните не сме надарени со јасновидството, а згора на тоа уверувањата не ги крепиме на патерица на осакатена надеж, па според тоа принудени сме својот паранормален хендикеп да го потпреме на некои сосема обични факти.
Погледот наназад, ситуиран во единаесетгодишното бунило во кое се наоѓаа овој народ и држава, сосема јасно ќе препознае еден ненароден режим и дпмнеовска саможива властодржна структура, која со здодевност го упатуваше погледот кон проблемите и маките на поданиците на системот; однесување кое психолозите одамна го нарекле „баналност на злосторството“. Ќе открие, се разбира, и една силеџиска нааканост со која се супституираше глупоста, медиокритетството, примитивизмот и оној рурален дух што, небаре е проклетство, ги обременуваше и фрустрираше дпмне-овците.
Второ, дали за идните гласачи е непознаница како ВМРО-ДПМНЕ се „справуваше“ со криминалот и корупцијата или, обратно, тие се сопственици на сознанието дека сегашната опозиција во времето на своето владеење криминалот го издигна до ниво на применета уметност, до нешто за што сметаше дека е сосема нормално и вообичаено. И во таа темна општествена стварност, за гласачите ДПМНЕ е парадигматична.
Трето, во сеќавањата, секако, навира и неспособноста и немањето јасна визија, дури ни желба, како да се излезе од евидентната хорот ситуација (баш и не гледам дека и сега нешто се сменило) во која „како на шкрги“ дишеше Македонија. Замената за неспособноста и неукоста се пронаоѓаше во лагата и блефот, во сета онаа празна реторика за нашата божемна можност, па и извесност за влез во ЕУ и НАТО. И ако добро ме служи паметењето, и поразителните информации од Брисел беа трансформирани во добра вест, па така постојано бевме уверувани дека членка на овие организации ќе станеме „ако не овој петок, тогаш другиот вторник“.
Четврто, независно колку Мицкоски ги потенцира економските резултати од времето на неговиот газда, граѓаните, напротив, имаат други сознанија и тие се сведуваат на оценката за катастрофална економска политика, на инвестиции, односно распродавање на државните добра, на нетранспарентни, непосредни спогодби во четири очи кои донесоа благосостојба на личности од врвовите на власта.
Петто, дали е воопшто нормално да се пренебрегнат сеќавањата на ненормалниот децениски македонски амбиент, распосланото сивило во него, загубените надежи, општонародната летаргија, меланхолија, депресија, чувство на бесперспективност. Ги заборавил ли некој ситуациите во недостоинствениот мета-свет, бедата и сиромаштијата, понижувањата, лажната грижа и потценувачкиот однос кон невработените, социјалните случаи, стечајните работници, технолошкиот вишок, обесправените…
Шесто, „Скопје 2014“ и веројатно е доволно само ако се каже дека таков злостор врз еден град и таков обид да се тоталитаризира свеста на луѓето преку насилничко наметнување на исчашениот, кич вкус на Груевски и неговите гипсери; таков обид да се зароби умот, тешко се пронаоѓа во историјата на човештвото.
Седмо, ВМРО-ДПМНЕ никогаш ја нема напуштено идеолошката матрица, болшевичкиот, тоталитарен, националистички код, вграден во менталните структури на неговите челници (некогашни и сегашни), што, ќе признаете, е анахронизам во современите демократски општества.
Да, би можеле да редиме и натаму; би можеле на натприродната моќ на Христијан Мицкоски да му спротивставиме и други „доблести“ што беа примерени за „најмакедонците“ речиси единаесет години, а, чиниш, премостуваат време и се сè уште живи и актуелни и денес. Но, зошто залудно да се троши простор и време на нешто што сите го знаеме, што толку силно, бременито и до болка нè притискаше; зошто би го потсетувале професоров на поговорката: „гладна кокошка просо сонува“; конечно, зошто на гаталецов да му ја откриваме античка вистина дека со светот владее судбината и дека крајот (читај: пораз) зависи од неговиот почеток. Тоа ќе му го кажат гласачите.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања