Обично на крајот на годината се пишуваат сеќавањата за тоа како поминавме во годината што измина.
2018 беше и тоа како турбулентна за нас, со многу перипетии, амплитуди, подеми, падови, барем што се однесува до нашата држава. Политички не помина нешто баш најсјајно. Тука се разбира ќе го исклучам договорот од Преспа, за кој и тоа како има поделени мислења. И нормално се крена многу врева. Јас мислам дека договорот од Преспа е одличен и дека е можеби единственото нешто добро што и се случило на оваа држава од осамостојувањето па до денес. Сметам дека договорот од Преспа е клучот за излез од оваа жива кал во која преживуваме безмалку 30 години, години, во кои над половина милион наши луѓе, наши блиски, пријатели, роднини заминаа одовде спасувајќи се да не потонат во оваа жива кал. Заминаа засекогаш. Заминаа за веќе никогаш да не се вратат. И тоа го кажуваат гласно и мене тоа многу, ама многу ме боли, сигурно и не само мене. Па има бре ли поголем геноцид на еден народ од тоа да не му овозможиш елементарно пристоен живот? Не другари, нема! Но, во ова четиво нема да пишувам за политика, всушност јас речиси и никогаш да не пишувам за политика. Пишувам социјални теми кои ја стресуваат душата на обичниот граѓанин, каков што сум и јас се разбира.
Во ова четиво ќе раскажам и за она за што јас се залагам најмногу во мојот живот. Уличната уметност и мојата продукција за улична уметност Театроск. Можам да кажам дека со Театроск поминавме прилично успешно во оваа 2018 година. Го направивме новиот акт „КОНТРАБАСОТ“ во сребрено – сива боја, кој го одработија Горан Казанковски, попознат и како Казанот и неговата прекрасна сопруга Калина Игновска. Без нив немаше да изгледаме така како што изгледавме. Со КОНТРАБАСОТ бевме на шест меѓународни фестивали.
Пред некој ден се случи нешто навистина прекрасно. На домашна адреса ми стигна картица – честитика за новогодишните и Божикните празници од организациониот одбор на фестивалот Pflasterspektakel, односно најголемиот фестивал за улична уметност моментално во Европа, кој се наоѓа во градот Линц, во Австрија. И, одеднаш почнаа да ме враќаат сеќавања за тоа каде се’ бевме во 2018 со Театроск. Напишав и краток текст:
По трет пат настапивме на “Маска” во Букурешт. Осми пат во Загреб на Cest is D Best. Прв пат на МУФ во Стубичке Топлице. Четврти пат во Линц на Pflasterspektakel. Настапивме по втор пат на ИнАрт во Тиват / Подгорица. Прв пат на Зигет од каде се вративме како прво наградени. И во Септември во Скопје го организиравме Статуафест – Другото лице на улицата.
Посакувам уште поуспешна 2019 за сите нас и во продукциска и во организациска смисла.
* * *
Во овој ракопис ќе напишам и дека многу ми е драго што во оваа измината 2018 година се дружев и со вас преку моите текстови кои беа објавувани во ЦИВИЛ МЕДИА наречени и како (не)обични приказни. Некогаш ракописите ги прифаќавте во голем број, некогаш во не толку голем број. Некои беа добри, некои беа помалку добри. Но, она за што се залагав беше сите ракописи да ги сведам на едноставност. Догодина ќе се обидам да бидам уште поедноставен, тоа би требало да значи дека ќе ми биде уште потешко пишувањето, односно сето она што го гледам околу себе да го раскажам на уште поедноставен јазик, а тоа што го гледам околу себе е болната вистина за тоа кои сме ние и каде живееме и верувајте тешко ми е додека се соочувам со голата вистина исто како што на секој еден од вас му е тешко да гледа во канцерот кој со неверојатна брзина прогресира во времево во кое живееме. Јас нема да престанам да се надевам на подобро утре. Никој од нас не треба.
* * *
Пред една седмица бев кај Зоки и Вале.
Нема да ви откривам кои се Зоки и Вале. Ќе кажам само дека се сопружници. Она што ме фасцинираше минатата година кај нив двајца, а многу повеќе ме фасцинираше оваа година е тоа што Зоки и Вале секој крај на годината прават огромна новогодишна елка во нивниот дом на која имаат направено цела една жива приказна и сето тоа го создаваат од рециклиран материјал кој Зоки успева и да го поврзе на струја и кој потоа функционира беспрекорно во целата таа нивна новогодишна бајковита идила во нивниот прекрасен дом.
Она што го создаваат е фасцинантно. Мене барем ме фасцинира. Создаваат цел еден живот. Создаваат среќа. Среќа која, ние, кои имаме среќа да ги познаваме нив двајцата лично, ја имаме можноста да го видиме тоа што тие го создаваат одблизу.
И најдоброто од се’ е што тоа се се’ работи кои се за фрлање во ѓубре. Потрошени. Кога гледам како од тие „потрошени“ работи и двајцата не се откажуваат и им даваат живот ме прави да верувам во подобро утре. Ништо не е потрошено. Ние мислиме дека се трошат работите. Напротив. Додека ми објаснуваа што е што на елката веднаш ми се роди и наслов за нивната приказна. Создади. Не фрлај. Помогни.
Искрен да бидам во еден момент малку и се налутив бидејќи вакви луѓе и тоа како треба да бидат ангажирани од страна на надлежните институции за да создаваат цел еден живот за сите нас. Еве и нека е во форма на елка и нека е тоа за предновогодишните и новогодишните празници, ама нека е огромна елка поставена на плоштадот во Скопје каде што ќе живеат сите оние ликови, сите оние мали куќички што светат, ирваси кои пристигнуваат од некаде и заминуваат кон некаде, Дедо мраз кој се качува за да стигне до врвот на планината (читај: куќата) и да се спушти низ оџакот за да достави подарок за нашите најмили, да се пеат Божикни песнички … колку добро би изгледало сето тоа. Неверојатно. Цел еден живот создаден, односно вратено назад во живот она од што веќе сме мислеле дека не ни е потребно, дека е потрошено. И, одеднаш гледаш како тоа „потрошеното“ експлодира од среќа што не е фрлено во ѓубре и заборавено, експлодира од среќа што му е вратен назад животот и е корисно, употребливо, ставено во функција, во една целина, наречена среќа за сите нас.
Апелирам гласно: Ангажирајте ги оние кои ќе го разубавуваат Скопје. Од срце ќе создаваат и ќе направат многу поубав град одошто е овој сега. Треба да се бориме за да му ја вратиме насмевката на Скопје назад, ете тоа го посакувам на сите и во годината која следи и во оние што надоаѓаат по неа.
Ви посакувам среќна Нова Година и весели празници!