Едни ми велат: значи веќе здосадија со ова хомосексуалциве и лезбејкиве. Толку поважни работи има, а ние се занимаваме со глупости.
Други ми велат: кој им брани да прават што сакаат? Кои тоа права ги немаат цело време што кмекаат?
Трети ми велат: сѐ е во ред, ама со тоа парадите навистина претеруваат. Вулгарно и невкусно.
Четврти ми велат: признај дека не е нормално сето тоа и за какви права се работи? Нека се однесуваат нормално и ќе си ги имаат сите права.
А јас велам: ќе одам на парада.
Не затоа што нешто сум многу по парадите. Не затоа што нешто посебно ми се допаѓа иконографијата и облеките и однесувањето. Ниту пак затоа што станува збор за права и слободи кои јас самата не можам да ги остварам.
Ќе одам, затоа што ние како заедница имаме проблем. Сите ние. Голем проблем. Одредена група луѓе не може да ги практикува правата и слободите на еднаков начин како останатите во државата.
Многу е важно да се разбере дека не станува збор за некои нови права, некои други права, туку за оние истите кои им припаѓаат на сите индивидуи кои живеат во Република Северна Македонија. Кога ќе се каже: хомосексуалците, лезбејките, бисексуалците, трансексуалците бараат права, тоа не значи дека бараат повеќе права од другите (оние кои не се хомосексуалци, лезбејки, бисексуалци, транссексуалци). Не значи дека бараат права кои другите (оние кои не се хомосексуалци, лезбејки, бисексуалци, транссексуалци) ги немаат.
Бараат право да работат на секое работно место под еднакви услови со другите без да се откажат од својата сексуална ориентација, и право слободно да се движат под еднакви услови како и другите и покрај својата сексуална ориентација, и право на семејство под еднакви услови како и другите независно од својата сексуална ориентација, право на еднакви права и обврски со партнерот кој го избрале како и другите независно од својата сексуална ориентација, право да бидат третирани како достоинствени човечки суштества на еднаков начин како и другите и покрај својата сексуална ориентација, право да бидат заштитени од омаловажување, вознемирување, насилство, под еднакви услови како и другите, независно од својата сексуална ориентација.
Тоа значи дека не се бараат некои нови, дополнителни права, туку оние истите кои според Уставот, меѓународните договори и законите им припаѓаат на сите индивидуи!
И најпосле, оние петтите ми велат: добро, ама ако „тие“ немаат усул (што и да подразбираат под тоа) тогаш е во ред “ние“ да им ги ограничиме правата, зар не?
Одредени права на луѓето можат да бидат ограничени заради “заштита на јавниот морал“. Кога станува збор за ограничувањето на правата и слободите на луѓето се тргнува од принципот дека: се’ што се смета за морално кога станува збор за сите оние кои не се хомосексуалци, лезбејки, бисексуалци, транссексуалци, е морално и за тие кои се хомосексуалци, лезбејки, бисексуалци, транссексуалци.
Одредени права на луѓето не смеат да бидат ограничени во никакви услови. Според членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија: Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповедта.
Парадата на гордоста се прави за барањата за еднакви права да станат видливи. За луѓето со поинаква сексуална ориентација да станат видливи. За да бидат препознаени како поинакви и еднакви. И да можат да ги уживаат истите оние права што „оние другите“, односно оние, како беше, „нормалните“?, со „како што треба“ сексуална ориентација?, ги уживаат.
Јас ќе излезам на парадата на гордоста за да покажам дека цврсто верувам во концептот за човекови права и слободи според кој ЗА ДА БИДЕШ ЕДНАКОВ НЕ ТРЕБА ДА БИДЕШ ИСТ.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.