АРМИЈА На платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата во Скопје денеска ќе биде одбележан Денот на Армијата на Република Северна Македонија. Свеченоста ќе се реализира согласно протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници.
КАБУЛ Доколку не се појави нешто неочекувано, досега успешно е извлекувањето на нашите граѓани од Кабул. Владата, како што соопштија вчера, има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани од локално населените од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
ИНВЕСТИЦИИ Во Технолошко-индустриската развојна зона – Скопје 2 денеска ќе биде означен почетокот на изградбата на првата јужнокорејска инвестиција во земјата. На настанот е најавено обраќање на премиерот Зоран Заев, а ќе присуствуваат и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, директорот на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски. Обраќања ќе имаат и претставници на раководството на глобално реномираните компании американската „Дура аутомотив системс” и јужнокорејската „Алмак“.
УКИМ Во пресрет на првиот рок од пријавувањето за упис на студенти во прва година, 31 август и 1 септември, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје денеска и утре организира „Отворен ден на УКИМ“ за да ги претстави студиските програми на факултетите, активностите на студентите, центрите за кариера. Настанот ќе се одржи онлајн преку платформата Мајкрософт тимс по распоред на термините за секој од факултетите каде што ќе има видеоконференциски сесии.












