Денеска во Скопје ќе се одвиваат активности по повод 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, пратениците се на годишен одмор, Охридско Лето слави роденден, од министерството за здравство препорачуваат внимателност и почитување на општите мерки за заштита на здравјето за превенција од последици од топлотниот бран што ја зафати земјава.
20 ГОДИНИ ОРД Денеска во 11 часот во ректоратот на Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе се одржи тркалезна маса по повод 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и директорот на АД „Пошти на Македонија“, Јани Макрадули ќе ја промовираат поштенската марка посветена на 20-годишнината од Охридскиот договор, во 13:30 часот во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
ЖИВОТНА СРЕДИНА Директорката на Државниот инспекторат за животна средина во 10 часот ќе одржи прес конференција во врска со шестмесечниот извештај за работата на Инспекторатот, како и презентација на податоци за зголемен обем на надзори во 2021 година во споредба со 2020 година и за изречените казни.
ОХРИДСКО ЛЕТО Во Охрид во 11,30 часот ќе се одржи Прес-конференција по повод 61. роденден на Охридско лето.
ПРЕПОРАКИ –ПОРТОКАЛОВА ФАЗА Министерството за здравство вчера соопшти дека денеска и утре целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза, па согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, потребно е да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето.
Населението треба да остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка, да се носи светла и лесна облека. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри и на хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.












