НОВИ МЕРКИ: Владата денеска треба да одлучи дали за влез и излез од државата ќе се воведе задолжителен PCR тест, потврда за вакцина или сертификат за прележан КОВИД. Овие нови мерки нема да стапат во сила веднаш.
ПОПИС: Јавниот конкурс за ангажирање реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите завршува денеска. Конкурсот беше отворен на 20 јули и првично требаше да трае до 5 август, но беше продолжен до 12 август и потоа уште еднаш до 17 август.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ: Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ од денеска официјално го почнува процесот за собирање потписи за нивната независна листа за претстојните локални избори. Освен за советничката листа за Град Скопје, ќе се собираат потписи и за кандидат за градоначалник.
ПОЖАРИ: Состојбата со пожарите на отворен простор полека се става под контрола, а од Центарот за управување со кризи (ЦУК) порачуваат дека човечкиот фактор е најчеста причина за избувнувањето на пожарите низ земјава, било да станува збор за намерно или ненамерно потпалување. Во моментов активни се само три од вкупно 106-те поголеми шумски пожари од кои најлош беше оној во Малешевијата кај Берово, Пехчево и Делчево што е успешно изгаснат.
ЕВАКУАЦИЈА: Сите регистрирани македонски граѓани во Авганистан се безбедни и се работи на нивна брза евакуација. Од 75 наши граѓани во Авганистан, околу 50 вчера беа на воениот терминал на аеродрмот во Кабул, од каде чекаат лет со воен авион на американската армија за Доха, Катар, додека 25 граѓани се наоѓаат во американската база во Кабул, во непосредна близина на аеродромот, и чекаат да бидат трансферирани кон аеродромот и потоа евакуирани.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.












