Јас сум за правична застапеност која ќе биде дефинирана во Уставот и гарантирана со законите и спроведена од страна на посебно министерство во Владата на Република Северна Македонија.
Правична застапеност за припадниците на најдискриминираната група во државата.
За тие кои се изложени на континуирано насилство во приватниот и во јавниот живот.
За тие кои за еднаква работа добиваат пониска плата.
За тие кои се претвораат во современо робје.
За тие кои не одлучуваат за сопствениот живот.
За тие кои не располагаат со сопствениот имот.
За тие кои ги нема во учебниците.
За тие на кои не им се признава уделот во развојот на општеството.
За тие кои се омаловажувани, понижувани и навредувани заради припадноста на специфична група.
За тие кои поседуваат помал дел од богатството во државата, а го претставуваат поголемиот дел од екстремно сиромашното население.
За тие кои се дискриминирани уште во моментот на раѓање.
За тие кои цел живот ги убедуваат дека е нормално да имаат помалку, а да работат повеќе.
За тие кои се надвор од раководните структури.
За тие кои ги гледаат како недовршени, доколку не се во брак и немаат деца.
За тие кои ги осудуваат кога сакаат да градат кариера, а не да го уредуваат домот.
За тие кои мора да се растргнат меѓу работата и приватниот живот.
За тие кои мора да го украдат секој момент слободно време и кои немаат време за хоби и за спорт и за кафеана и за читање и за шетање и за дружење и за видео игри и за …
За тие кои ги нарекуваат понежен пол, а ги третираат како стока.
Да, треба да има правична застапеност за жените.
За секоја раководна позиција, во секоја раководна структура, за секое место каде што се одлучува. Од трите највисоки позиции во државата на една мора да се најде жена.
Не смее да има министер и заменик министер од ист пол. Не смее во Влада со 25 министерства да има само четири жени. Не смее во држава со 80 општини да има шест жени градоначалнички. Секое колективно тело мора да има правична распределба на членството меѓу жените и мажите.
И мора да има правична поделба на работите во домот, и на слободното време, и на грижата за децата, и на грижата за постарите членови на семејството.
И тогаш кога се инсистира на правична застапеност врз основа на етничка припадност, таа мора да биде направена на начин кој обезбедува правична застапеност на жените од таа етничка заедница.
Не може да се гради демократска држава сѐ додека не се обезбеди оваа правична застапеност. Не може да се гради демократска држава кога една половина од граѓаните се третирани како граѓани од втор ред. Не може да се гради демократска држава, а да не се перципира најголемата дискриминација која се врши врз половина од населението на државата.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.