пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Еден поранешен премиер, а сегашен азилант и соработник на унгарската држава, не даваше вакви оценки за ЕДЕН СУЕТЕН новинар.
Не, драги мои. Тој даваше оценки и лични, а и групни, за многу новинари и медиуми. Затвораше медиуми, затвораше новинари, кажуваше кој е новинар, а кој бивш новинар, во неговите говори јавно повикуваше и конкретно и експлицитно именуваше медиуми на кои не треба да им се верува, во тоа време се праќаа венци и плукачи на домашни адреси, се организираа сачекуши во кои се тепаа новинари во темница.
Би сакал да ме потсетите барем на еден медиумски ден од тоа време, кога медиумите и еснафот „се обединија“ како сега за изјавата на Заев? Имаше ли ден кога медиумите се бавеа на ова ниво, со толкав интензитет и содржини, со далеку поголемите злодела кон слободата на изразувањето отколку лична квалификација, кон еден, неименуван новинар?
Може ли некој да најде барем една реакција на МАН за тие злодела и за тоа време? Или, напротив, ќе најдете ставови кои беа во служба на сотрување и спружување, со најгнасни методи на јавно вербално насилство, на секој што беше против апсолутните вистини на пастирот?
Може ли да ми објасни некој зошто неколку медиумски организации оценката на премиерот Заев за ЕДЕН суетен новинар, се толкува како напад на целата медиумска заедница?
Дали таа оценка се темели на некаква пракса на дискриминирање на критичките медиуми од страна на премиерот или институциите во овие две години? Дали можат да посочат на примери да им се јавуваат функционери со закани, да ги цензурираат, да им вадат наслови од печатница, како во времето на Протоѓер, со кого го споредуваат сегашниот владин ПР?
Нели е тоа едно целосно неточно хиперболизирање на ситуацијата, особено ако се има предвид дека оваа власт е многу далеку од праксата на притисок што беше отворено демонстрирана од поранешната власт и криминалецот во бегство во Будимпешта?
И на крајот, најмногу ме интересира, во чиј интерес е ова искривено толкување на реалноста? За доброто на јавниот интерес, на граѓаните, на јавноста? Јас во тоа не верувам.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.