Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на неговата официјална Фејсбук страница се пофали дека имал средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, но како илустрација за средбата искористи фотографија стара две години, која создаде разни коментари на социјалните мрежи, од исмевање на пи-арот на Мицкоски, па сè до дилеми – дали средбата воопшто се случила.
Во постот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, објавен денес на офцијалната ФБ страница, се вели дека средбата се одржала денес во Белград, а Мицкоски заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски, и пратеникот од ДПСМ г. Иван Стоилковиќ оствариле средба со претседателот на Република Србија и лидер на СНС, Александар Вучиќ, на која се разговарало за продлабочена соработка на двете сестрински партии во рамките на Европската народна партија, европските перспективи и регионалната соработка.
Но, фотографијата која е објавена, е всушност стара две години, од претходна средба меѓу Вучиќ и Мицкоски, за која исто има објава на неговата ФБ страница. Тоа покрена лавина од реакции во јавноста, од потсмев со комуникацискиот тим на Мицкоски и него самиот, па сè до недоумици, дали воопшто се случила средбата.
Дека се работи за стара средба, сведочи и објава на „Република“ од тоа време, која денеска исто кружеше по социјалните мрежи, создавајќи дополнителна конфузија.
Не е реткост стари вести да се пласираат како нови, ниту пак да се злоупотребуваат ваквите конфузни ситуации за дефокусирање на вниманието на јавноста.
ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува сите актери во општеството да не подлегнуваат на вакво ниво на комуницирање и замајување на јавноста, кое не носи никому ништо добро.
ЦИВИЛ Мониторинг тим















