Поимот „заевизам“ го промовираше ВМРО-ДПМНЕ во последните неколку месеци, а кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска го презеде и максимално го експлоатираше.
Ова е една од тие ситуации кога политичка партија која е сама по себе безидејна и интелектуално стерилна, копира работи разработени од други општествени субјекти и се обидува со интензивност на употреба и упорно повторување – да им даде легитимитет.
Терминот „заевизам“ ВМРО-ДПМНЕ го исфрли на општесвената сцена како своевиден пандан на терминот „груевизам“ кој го разви граѓанското движење.
„Груевизмот“ беше идентификуван како посебен систем од специфични и препознатливи односи, активности, политики, начин на делување на една политичка партија во периодот кога на чело на таа политичка партија се наоѓаше Никола Груевски. „Груевизмот“ направи системска промена во општетсвото и ја измести насоката на движење на општествениот развој.
Основна карактеристика на она што граѓанските организации го нарекоа „груевизам“ е ретроградноста која постепено се градеше и метастазираше во сите општествени слоеви. За да се направи овој пресврт (од прогресивен кон ретрограден од на заедницата) беше потребно време (11 години) и поголем број елементи кои заедно создадоа добро разработен, самоодржлив и систем во функција на партиските елити на власт (не во функција на поширокото членство на тие партии, па дури и на нивна штета).
Станува збор за градење комплексна илузија на демократско општество, параван кој се потпира на незнаење, страв, прикриено и отворено насилство и исклучително високо ниво на сиромаштија и зависност на населението. „Груевизмот“ како свој најголем непријател дури и декларираше дека е сѐ што е автентично, интелектуално и прогресивно.
Како основни карактеристики на „груевизмот“, без идентификувани:
– потполно дезавуирање на правото (прилагодување на законите на потребите на една мала елита и нееднакво важење на законите);
– уништување на сите заштитни механизми (целокупниот правосуден систем и сите независни тела за контрола на системот);
– корумпирање (потполно и сеопфатно корумпирање на медумите, правосудните органи, администрацијата, граѓаните);
– уништување на граѓанскиот модел и зацврстување на етно-базираниот модел (во образованието, во политиката, во администрацијата);
– изолација на државата (од соседите и од поширокото опкружување);
– ограничување на правата на граѓаните (на мислење, на изразување, на различност, на учество во управувањето, на живот, на сигурност, на приватност, на здравје, на образование, на сопственост …)
Резултатот е:
– неодговорност
– неказнивост
– злоупотреба на функцијата
– лично богатење и бенефиции за властодржците.
Во моментов, ниту имало време, ниту пак се видливи елементи на нов систем кој би можел да се нарече „заевизам“.
Она што постои во моментот се остатоци од „груевизмот“ и сѐ повидливи знаци на прифаќање на дел од негативните практики и од новата власт, или, прифаќање на „груевизмот“ како свој начин на делување.
Внесувањето на поимот „заевизам“ само го дефокусира вниманието на граѓаните од фактот дека сѐ уште се практикуваат многу елементи од претходниот систем, дека не сме се справиле со ретроградниот процес и дека системот на претходната власт – „груевизмот“ – продолжува да живее и да се развива.
Внесувањето на овој поим – „заевизам“ – нѐ втурнува во привид на борба со нов непријател. Меѓутоа непријателот е стар, тоа е оној истиот „груевизам“. Оној истиот со кој уште не сме се избориле. Уште сме во старата битка и не смееме да дозволиме да победи ниту „груевизмот“ облечен во боите на ВМРО-ДПМНЕ ниту „груевизмот“ облечен во боите на СДСМ.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.