Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева денеска во Градскиот парк во Скопје, каде учествуваше на отворањето на фестивалот One love tour 2018 изрази увереност дека по потпишувањето на договорот за името меѓу Македонија и Грција, закажано за утре во Мала Преспа, Македонија конечно ќе може да отпочне преговори за членство во ЕУ, а потоа да добие и покана за влез во НАТО.
– Бугарија сака Македонија на крајот на месецот конечно да почне преговори за членство во ЕУ. Навистина повеќе нема време и ја сум уверена дека по потпишувањето на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција утре од срана на двајцата министри за надворешни работи, во присуство на двајцата премиери, со присуство на комесарот Хан и комесарот Могерини на 26 јуни на Советот на ЕУ, со кој претседавам јас, Македонија ќе добие зелено светло, вели Захариева, која беше во придружба на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Таа истакна дека никој ништо не добил од 27 годишниот спор меѓу двете земји за името.
– Ништо не добивме со тој 27-годишен спор. Ништо не добија граѓаните на двете држави пред потпишувањето на договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Ако Македонија на 26 јуни ги почне преговорите тоа нема да претставува загуба, туку само придобивка. Во спротивно ризикуваме одложување на целиот процес, рече Захариева.
Нагласи дека следната најрана можност тоа да се случи ќе биде крајот на 2020 година, со оглед на изборите за Европскиот парламент, следната година.
– Сметам дека македонскиот народ не заслужува да чека уште две и пол години за да почнат претговорите, нагласи Захариева и ги поздрави Заев и Ципрас, кои ги нарече двајцата храбри премиери, но и шефовите на дипломатите на двете земји кои ги водеа преговорите.
– Уверена сум дека следната недела ќе се ратификува договорот, за да може на 26 на Советот на ЕУ да биде дадено залено светло за Македонија да отпочне преговори, а потоа тоа да биде потврдено на Самитот на ЕУ, додаде Захариева.
За Бугарија, како што рече, е прифатливо името Република Северна Македонија.
– Ние први ве признавме, ја признавме Република Макеоднија во целина. Она што е важно за нас, а го содржи и во нашиот допговор дека нема територијални претензии, нагласи Захариева.
По потпишувањето на договорот со Грција ќе продолжи да важи и договорот за добрососедство со Бугарија, има дел кој кажува дека тој не е насочен кон други држави, појаснува таа.
– Тоа е прашање меѓу Грција и Македонија и единствено нешто што сакаме е да бидеме заедно во ЕУ, кога ќе бидете подготвени и нашата поддршка нема да заврши со завршувањето на нашето претседателство, додаде бугарската министерка.
Нагласи дека Македонија и Бугарија со Договорот за добрососедство успеале да го деблокираат процесот, кој бил блокиран 15 години.
– Земјите од Западен Балкан се во центарот на европската надворешна политика. Начинот на кој една земја ја креира надворешната политика со соседите е оценката за целокупната надворешна политика на земјата. Ако не можеш да се разбреше со соседите, не можеш да се разбереш со никој, вели таа.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа зошто таа и Борисов не го примиле претседателот Ѓорге Иванов за време на неговата посета во Софија таа кажа дека Бугарија не сака да зазема страна во спорот меѓу Македонија и Грција.
– Не сакаме да заземаме страна во вашиот спор. Бугарија вложува големи напори во текот на своето претседавање вниманието на Европа повторно да го сврти кон регионот. Ова е наш регион и сега кога сме толку близу до решавање на 27-годишен спор, сметам дека немаме повеќе што да кажеме, додаде таа.
Изрази задоволство од можноста да присуствува на денешниот фестивал, нагасувајќи дека уметниците и културата, отсекогаш биле сплотени и им давале пример на политичарите, како треба да дејствуваат. Изрази уверување дека фестивалот ќе стане долгогодишна традиција.
Министерот за надворешни работи Димитров изјави дека утре е историски ден за Македонија, со кој се отвора иднината.
Нагласи дека утрешниот ден е еден голем чекор во насока на затворање на прашање, што е отворено толку колку што е стара независноста на Република Македонија, практично од 1991 година.
– Имаме сили што се борат за напред, за иднината, имаме сили што се борат за назад, за минатото. Минатото не можеме да го смениме, иднината можеме. Мислам дека тоа е многу голем чин, на некој начин бевме охрабрени од Договорот за пријателство со Бугарија. Ова е нашето последно отворено прашање и на некој начин завршува една фаза на прашалници, на предизвици. Многу ќе биде важно овој чин да ги отвори вратите и на ЕУ и на НАТО бидејќи меѓудругото, покрај пријателството со Грција, македонските основни мотиви се да се отворат вратите и конечно да излеземе од таа чекална, каде што сме заклучени премногу години, рече Димитров.
Во врска со случувања во Грција со интерпелацијата на Владата на Ципрас рече дека спорот со името долго време бил употребуван во домашната политика.
– Мислам дека секогаш кога вакви прашања се предмет на домашно политичка битка тоа води во лош правец. Мислам дека ова не треба да не изненадува, како што спомнав има сили што сакаат да одиме напред и има сили што сакаат да останеме закопани во рововите. Тоа и се случува во Грција, тоа се случува и во Македонија, наше е да туркаме, да убедуваме, бидејќи се работи за иднината на нашите граѓани, истакна Димитров.
Во врска со тоа дали потпишувањето на договорот со Грција има основи за актуелизирање на Договорот со Бугарија за добрососедство, поради новото име на Македонија нагласи прашањето е комплексо ако треба да се разговара со повеќе страни.
– Со лидерство и со визија за напред не очекувам да имаме дополнителни проблеми. Мислам дека пријателството значи разбирање за грижите на другиот и како што во Македонија ќе има такво чувство за Бугарија и во Бугарија ќе има такво чувство за нас. Не може Македонија да биде среќна ако Бугарија е несреќна или Грција, Албанија, мал ни е регионот, рече тој.
Конечниот избор за договоро со Грција, напомена дека ќе го имаат граѓаните.
– Ако граѓаните решат ваква Македонија сакаме, сакаме отворени врати кон ЕУ, сакаме да влеземе во НАТО. Мислам дека нема поголема патриотска должност од отстранување на проблем кој долгорочно не блокира. И Собранието и претседателот, со сета почит за различните ставови, ако граѓаните речат „да“, ќе мора и тие да кажат „да“, рече Димитров на Фестивалот „One love tour 2018“ во Грдскиот парк. (МИА)