„Најлошото е избегнато, заедно повторно ќе ја изградиме Нотр Дам“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, откако по петчасовната борба со катастрофалниот пожар беше објавено дека катедралата стара 850 години е спасена од целосно уништување.
Париската катедрала Нотр Дам која во текот на вчерашниот ден ја зафати голем пожар, при што се урна врвот на тоа монументално издание, се смета за еден од најдобрите примери на француската готска архитектура. Благодарение на пожарникарите таа е спасена од целосно уништување.
Макрон најави дека веднаш ќе покрене меѓународна кампања за собирање средства за обнова на катедралата, која во пожарот остана без средновековниот покрив и една од препознатливите кули. Пожарот избувнал околу 18.50 часот во поткровјето и потоа зафатил голем дел од покривот.
„Она што се случи е ужасна драма. Итните служби се бореа со огнот со неверојатни храброст, посветеност и професионализам. Ова е нашата историја и таа гори. Ова е ужасна трагедија, но ќе ја обновиме Нотр Дам“, кажа Макрон при посетата на местото на трагедијата.
Во исто време, француското обвинителството најави дека ќе покрене истрага за целиот случај, а засега нема потврда што го предизвикало пожарот, но се верува дека е поврзано со процесот на реновирање на катедралата.
Катедралата Нотр Дам, едно од обележјата на Париз, се запали по затворањето околу 18.50 часот, а од пожарот по еден час падна една од кулите. Портпаролот на париската пожарна рече дека пожарот полека згаснува и дека ќе бидат потребни уште 3-4 часа за да се локализира.
Нотр Дам е во процес на реставрација што требаше да трае во фази околу 20 години, а тековната фаза чини 6 милиони евра. Според полицијата, нема жртви, a во пожарот тешко е повреден еден од 400-те пожарникари кои учествуваа во гаснењето.
Претставник на црквата кажа дека целата внатрешност на црквата од 12. век најверојатно ќе биде уништена. Властите велат дека најголемиот дел од бесценетите уметнички дела се спасени веднаш штом избунал пожарот. Меѓу спасените се и Круната од трње, за која се верува дека ја носел Исус и ленената туника од Сен Луј.
Жителите на Париз и туристите, за време на пожарот возбудени од ужасната глетка плачеа, се молеа, а некои дури пееја песни, во препознатливиот француски револуционерен дух, додека пламенот ја зафаќаше катедралата Нотр-Дам.
“Париз е обезличен, градот никогаш нема да биде како што беше порано”, се дел од реакциите на присутните.
Реакции пристигнаа и од неколку светски лидери и претседатели на држави.
Претседателот на САД Доналд Трамп изрази сочуство за огромниот пожар кој избувна во париската катедрала Нотр Дам, пренесоа светските агенции, цитирани од агенциите.
“Ужасно е да гледаш ваков масивен пожар во Нотр Дам во Париз. Треба да се користат хеликоптери-цистерни за тој да биде изгаснат. Треба да се дејствува брзо!”, напиша Трамп на “Твитер”.
Американската прва дама Мелани Трамп напиша дека срцето нејзино се кине при глетката на катедралата, зафатена во пламен, пренесе Франс прес. „Молете се за безбедноста на сите“, напиша таа.
Германскиот министер за надворешни работи изјави дека пожарот во “Нотр Дам” е удар во срцата на Германците и изрази поддршка на Франција.
Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека Нотр Дам е симбол на Франција и на “нашата европска култура”. Во мислите сме со нашите француски пријатели, напиша на “Твитер” портпаролот на Меркел – Штефен Зајберт.