Задоволната ДИК
Државната изборна комисија е задоволна од досегашните активности поврзани со претседателските избори. Како што објаснија на денешната седница досега немало некакви прекршувања и покрај малите забелешки на ОБСЕ/ОДИХР. Проблемот со социјалните мрежи не е нивна надлежност, а и генерално е многу тешко да се контролираат, е ставот на ДИК, по забелешките на ОБСЕ за социјална дискриминација. ДИК очекува дека крајните забелешки на ОБСЕ/ОДИХР да бидат во насока на промени во Избирачкиот законик.
На седницата на ДИК се одлучуваше и за изгледот на гласачкото ливче. Покрај претседателските кандидати ќе стои и лого на политичка партија што ги поддржува, а за што тие дале согласност. Иако ја имаат поддршката на граѓаните со собирањето потписи за нивна кандидатура, „надпартиските“ кандидати одлучија да ги испочитуваат своите финансиери. Па така, до името на Стево Пендаровски ќе стои логото на СДСМ, кај Гордана Силјановска Давкова, логото на ВМРО-ДПМНЕ, а Блерим Река освен логоата на Беса и Алијансата за Албаниците ќе има и сопствено лого.
ДИК донесе и одлука за 82 избирачки места со помалку од 10 гласачи каде нема да се гласа. Гласачите ќе бидат информирани во кое избирачко место, најблиску до нивното ќе можат да гласаат.
„Хуманитарната“ ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, поранешен осуденик за воени злосторства, на својот Фејсбук профил објави фотографии од црквата св. Никола во селото Љубанци.
Поводот за објавување на фотографиите е донацијата од ВМРО-ДПМНЕ за црквата. Имено, партијата на оваа црква ѝ ги донирала луксузните лустери од седиштето на партијата, меѓу граѓаните позната под разни, погрдни имиња.
Останува отворено прашањето, како тоа ВМРО-ДПМНЕ со замрзан со судска одлука движен и недвижен имот во два судски процеси „Талир“ и „Талир 2“, одеднаш си дава за право ноншалантно да донира, ни помалку ни повеќе туку на МПЦ. Исто така, се поставува и прашањето која е таа „правда“, дел од слоганот на претседателската кампања што ја водат со кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова, кога донациите за време на изборна кампања се кривично дело.
Светски ден на Ромите
Светскиот ден на Ромите, 8 април, го одбележаа повеќе ромски организации, но го испочитуваа и повеќе општини низ државата. Со честитки се обратија скоро сите функционери, а најзабележителна беше изјавата на Гордана Силјановска Давкова, која во својата честитка рече дека нејзината ќерка ја чувала Ромка. Оваа нејзина изјава претрпе разни негативни коментари во јавноста, особено на социјалните мрежи.
Останува да се види, дали и оваа година Денот на Ромите ќе остане само 8 април, само за одбележување или некој сериозно ќе настапи на сцена да се бори за нивните човекови прав и слободи.
ЦИВИЛ
Хроника
Она што остана забележано низ призма на изборното набљудување на ЦИВИЛ на претседателската кампања е еден типичен ден на водење митинзи и трибини што повеќе наликуваат на манирот на парламентарните избори, отколку на избор за претседател.
Ќе остане забележана изјавата на Силјановска дека и на „Титаник“ кога се качиле некои патници од Македонија ги напишале дека се Македонци.
„Кога ќе речете Република Македонија тоа значи држава, а не регион. Тие нека уживаат во нивниот регионален идентитет, а ние државниот. Како може да не е од идентитетот нешто со што сум се родила, со што сум се идентификувала… замислете да треба да докажете дека сте жена или дека сте маж. Навистина се тоа невозможни потфати“, изјави таа во Струмица.
Пендаровски ќе остане забележан со неговото обраќање во општина Карпош: „Во 2016 година победивме многу на малку, 2017 дојдов да му помогнам на еден од најдобрите млади градоначалници. Победивме многу на малку. Ако не победиме, на 21.05 многу на малку, немојте да ми излегувате пред очи“. Шега или не, допрва ќе се види.
Блерим Река, пак, си имаше свој промотор, Албин Курти, од движењето „Самоопределување“ од Косово.
„Постојат три града Куманово. Еден е во Турција, еден е во Швајцарија и овој овде. Но сите тие три града треба да го искористат правото да одлучуваат за себе и да го направат Блерим претседател. Во режимот на Груевски најмногу страдаа Албанците. Северна Македонија мора да стане живеалиште за Албанците, така што нема да заминат, туку ќе почнат да ги уживаат своите права“, истакна Курти на митингот на Река во Куманово. Очигледно, не знаеле кумановчани кај сè град граделе.
Какви избори – таква иднина
Конференцијата „Какви избори – таква иднина“ во организација на ЦИВИЛ ќе се одржи во среда, 10 април, во хотел Парк Резиденс (зад градскиот стадион) со почеток во 12 часот. На оваа конференција, претставничките и претставниците на ЦИВИЛ ќе споделат со јавноста недоволно познати детали од досегашниот изборен мониторинг.
На конференцијата се поканети, а своето присуство веќе и го најавија повеќе претставнички и претставници на институциите, граѓанското општество, експертите, медиумите и меѓународната заедница.
Во изминатиот период, ЦИВИЛ објави серија интервјуа со највисоките претставници на повеќе релевантни институции и владини претставници, како и со претставници на експертската заедница и медиумите. Воедно, ЦИВИЛ објави и серија едукативни текстови за изборниот процес кои ќе бидат објавени и во онлајн публикацијата со наслов „Сѐ што сакавте да знаете за изборите“ што ќе биде објавена на медиумската платформа на ЦИВИЛ за време на конференцијата.
Протест(и)
Видео проекција и музика ќе биде дел од одбележувањето на Денот на протестот, во петок, на 12 април, како продолжение на иницијативата на фотографот Александар Кондев и на ЦИВИЛ.
Одбележувањето на Денот на протестот и оваа година е во организација на ЦИВИЛ и ќе започне во 14 часот кај Споменикот на загинатите војници 1991-1992, пред кафулето „Гарсон“. Денот ќе се одбележи со музика, говори и видео проекција на фотографии и видео записи од граѓанските протести во периодот 2014 – 2016 година, почнувајќи од студентските протести, движењето Протестирам/Protestoj, сѐ до Шарената револуција.
Како и секогаш, поканети се сите граѓанки и граѓани, учеснички и учесници во продемократските граѓански протести да бидат дел од одбележувањето на историското будење на македонската граѓанска свест. ЦИВИЛ ќе поднесе иницијатива до Собранието на Република Северна Македонија да го прогласи 12 април за Ден на протестот, во чест на прогресивните, продемократски вредности за кои се залагаат огромен број граѓанки и граѓани во земјава.
Б. Јордановска