Министерката за правда Рената Дескоска денеска се обрати на конференцијата посветена на Заедничката соработка и правната помош во борбата против транснационалниот криминал, која се одржа денеска во организација на Јавното Обвинителство на Република Северна Македонија во соработка со ИПА Проектот „Борба против сериозен криминал во Западен Балкан“.
Во текот на изминатиот период со поддршка на проектот ИПА/2017: „Борба против сериозен криминал во Западен Балкан„ Министерството за правда реализираше голем број активности во насока на подобрување на соработката помеѓу надлежните институции во Република Северна Македонија, продлабочување на регионалната соработка и соработката со европските партнери.
Во своето воведно обраќање, министерката посочи дека Министерството за правда како централен орган за меѓународна правна помош преставува значајна алка во овој комплексен процес.
„Министерството посветува големо внимание на создавање на правната рамка за борба против организираниот криминал како и на зајакнување на капацитетите и зголемување на ефикасноста на меѓународната соработка“, истакна министерката Дескоска.
Како пример, министерката Дескоска го спомена именувањето на првиот обвинител за врска со Европравда од Република Северна Македонија, со што значајно ќе се олесни и подобри соработката на правосудните органи на Република Северна Македонија со земјите од Европската Унија, во областа на прекуграничниот криминал.
Основа на успешната борба против транснационалниот криминал секако претставува постоењето на квалитетна правна рамка. Во таа насока, министерката Дескоска истакна дека со новиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја, ќе се отстранат недостатоците кои беа воочени од страна на практичарите во примената на досегашниот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја.
Она што е значајно, е дека со новиот закон за прв пат законски се регулираат институционалните облици на меѓународна соработка, односно соработката со ЕВРОПРАВДА (EUROJUST), Европската Правосудна Мрежа во Кривичната Материја (European Judicial Network in Criminal Matters- EJN), како и соработката со органите за финансиски истраги и конфискација на Европската Унија. Со тоа Република Северна
Во однос на соработката со Република Италија, министерката Дескоска истакна дека беа склучени два договори кои стапија на сила во јуни оваа година и тоа дополнителен билатерален договор кон Европската конвенција за меѓусебна правна помош, со цел олеснување на нејзината примена и дополнителен билатерален договор кон Европската конвенција за екстрадиција за олеснување на нејзината примена.
Со Договорот за екстрадиција се предвиде можноста за екстрадиција на сопствени државјани за кривични дела од организираниот криминал, корупција и перење пари. На овој начин, ќе се оневозможи државјанството да биде пречка во постапките за екстрадиција на лица осомничени и осудени за кривични дела од организираниот криминал.