Во гостувањето во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, најави дека наскоро започнува реализација на четвртиот пакет мерки кои имаат за цел побрзо надминување на последиците од корона кризата врз економијата.
„Се видовме со коморите, со организации на работодавачи, со синдикати, правиме средби и со универзитетски професори, со луѓе од праксата. Следниот пакет ќе биде директна помош кон економијата и кон граѓаните. Тука ги опфаќаме најсиромашните, за да ја зголемиме потрошувачката моќ на граѓаните, но и на компаниите за да даваат плати. Ќе има стимулативни мерки и за враќање на отпуштени работници во време на кризата затоа што сакаме тие што се отпуштени да се вратат на работа, особено кога има недостиг на квалификувана работна сила. Она што е јасно, е дека платежни картички ќе добијат, пензионерите со пензии под 15.000 денари, голем дел од пасивните баратели на работа, самохраните родители, а се прават проценки со стручните служби, стечајните работници кои денес добиваат надоместок од 8.000 денари, да добијат уште еден вид на помош“, порача премиерот Заев, додавајќи дека ќе продолжи и помошта за платите во најпогодените сектори.
Премиерот Заев посочи дека освен помошта за граѓаните и стопанството, важно е државата да го искористи периодот за засилено финансирање на капитални инвестиции кои носат придобивки и за економијата и за државата.