Премиерот Зоран Заев, сепак, не се откажува од планот Б за решавање на судбината на Специјалното јавно обвинителство. Тој денеска изјави дека таа институција мора да продолжи со работа и е оптимист дека ќе се најде решение, иако преговорите одат тешко. Според Заев, ако се нашло решение за многу други теми, ќе се најде и за оваа, новиот Закон за Јавното обвинителство, ќе се најде, но прецизира дека нема да има компромис со судбината на предметите и вработените во СЈО.
„Не е лесно, тешко е. Се среќаваат работните групи, гледате во јавноста, понекогаш има драматургии. Едно што треба да знаат граѓаните, предметите мора да бидат осигурени во иднина, СЈО мора да има иднина, тоа е институција, државата вложила пари, странски држави – пријатели помагале во таа институција и слично. Веруваме дека решението ќе го најдеме во соодветниот период кога тоа е можно“ – изјави премиерот Заев.
Планот Б, според него, не значи закана за опозицијата туку дека се принудени да ги разгледаат другите закони за решавање на судбината на оваа важна институција, СЈО. Тој потсети дека во ова Обвинителство многу е вложено и нема да дозволи сето тоа да пропадне.
„Планот Б никој пат не сме го спомнале како закана и не сакаме воопшто да го спомнеме, но не дај боже да дојде да нѐ осамне 16-ти и сите ќе прашаме – добро, и сега политичарите не се договорија, што правиме? Ќе мора да се најде решение, затоа што на први некој ќе треба да потпише плати на вработените. Тоа обвинителство до 15 септември има мандат, кога ќе биде решението, тогаш ќе ги гледаме актуелните закони кои постојат и ќе го бараме решението“ – рече премиерот Заев.
Арбен Зеќири












