Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го доби мандатот за составување нова влада од претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Врз основа на член 84, согласно член 90 од Уставот и предлогот на коалицијата „Можеме“, за мандатар за состав на влада го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието“, рече Пендаровски.
„Чест и одговорност ми е што како предводник на СДСМ и коалицијата „Можеме“, кои освоија најмногу пратенички места во Парламентот, денеска од претседателот Пендаровски го добивам мандатот за составување нова, политичка, европска, демократска и одговорна влада со институции кои уште повеќе и подобро ќе им служат на граѓаните. Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да создадеме програма и кадри на кои Собранието ќе има додели мандат да им служат на граѓаните“, изјави Заев.
Според Заев, Северна Македонија ќе добие влада која ќе го продолжи јасниот правец – ЕУ, просперитет и долгорочна стабилност.
“Владата ќе има квалитетни, одговорни и отчетни кадри, а приоритет ќе бидат економијата, борбата со криминалот и корупцијата, како и прочистувањето на праводсутвото. Владината програма ќе биде во најголем дел посветена на економијата, на раст на плати и пензии, на вложувања во младите, во раст и развој, во грижа за најсиромашните, во поддршкја на домашното стропанство. Ќе водам влада која не знае за скршнување од патот и која по членството во НАТО, продолжува кон членство во ЕУ“, истакна Заев.
На новинарско прашање за тоа што ќе се случи ако не успее да состави влада за 20 дена, дали ќе го врати мандатот и дали ќе има нови избори, Заев истакна дека тоа е регулирано со Уставот, посочувајќи на ситуацијата со составувањето влада во 2016 година.
„Имавме ситуација во 2016, мандатот му беше доверен на Никола Груесвки и не успеа за 20 дена да формира влада. Уставот е јасен дека рокот истекува и мандатот се враќа. Тогаш мандатот го добив јас и второрангираната коалиција со два пратеника помалку од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Јас успеав да формирам влада. Разликата е во тоа што сега јас ќе успеам да формирам Влада“, додаде Заев.